• петок, 05 декември 2025

Трибина „Фокус на машкото здравје“ во Делчево

Трибина „Фокус на машкото здравје“ во Делчево

Делчево, 26 ноември 2025 (МИА) - Во Делчево вечерва се одржа трибината „Фокус на машкото здравје“, организирана во рамки на Месецот на машкото здравје – ноември. Настанот, во организација на новоформираната Комисија за еднакви можности при Општина Делчево, ја отвори серијата активности посветени на унапредување на здравствената едукација и подигнување на свеста за превенција кај мажите.

Присутните имаа можност да слушнат повеќе лекари од Здравствениот дом „Гоце Делчев“, кои говореа за значењето на раната дијагностика и редовните превентивни прегледи.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности, д-р Андријана Илиевска Велковски ја истакна важноста на иницијативата и мултидисциплинарниот пристап во грижата за машкото здравје. Таа посочи дека Здравствениот дом „Гоце Делчев“ со своите тимови вечерва ја организира оваа работилница на тема машко здравје.

- Групата лекари од Здравствениот дом и претставниците од Комисијата за еднакви можности, заедно со директорките Билјана Георгиевска и Билјана Петровска, како и Даниела Такева од Општина Делчево, ја отвораме оваа прва од низата трибини што ги планираме. Главната цел на оваа работилница е промовирање на машкото здравје, отворање простор за разговор, подигнување на свеста и поттикнување мажи да водат поголема грижа за своето здравје. Ова е одлична можност да започнеме серија активности што ќе придонесат за подобрување на здравјето на мажите во нашата општина. Посебна благодарност упатувам до моите почитувани колеги кои одвоија време од нивните обврски за да ги споделат своите искуства. Верувам дека ова е само почеток и дека ќе продолжиме со уште многу заеднички трибини, со единствена цел – да придонесеме за подобро и поквалитетно машко здравје, истакна Илиевска Велковски.

Своја поддршка на настанот даде и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој ја поздрави посветеноста на Комисијата и здравствените работници.

-Остваруваме една од нашите цели, а тоа е подигнување на јавната свест за превенцијата и раното откривање на болестите и грижата за машкото здравје, бидејќи тоа не е само машки проблем, туку проблем и на целото семејство, изјави Гоцевски.

Организаторите најавија дека трибината е само прв чекор од планот за повеќе јавни активности, со цел дополнително охрабрување на мажите да се грижат за своето здравје и да пристапуваат кон превентивните прегледи како дел од одговорното живеење. вс/рп/

Фото: МИА

 

Остани поврзан