• вторник, 24 декември 2024

Трибина „Стоп за бучавата“: Закони има, но тешко се применуваат во пракса

Трибина „Стоп за бучавата“: Закони има, но тешко се применуваат во пракса
Скопје, 11 декември 2020 (МИА) - Законска рамка за справување со изворите на бучава, како загадување во нашето животно опкружување има, и е добро усогласена со европското законодавство, но како да отсуствува поголема примена во пракса – односно пропишаните гранични вредности, како никој да не ги следи во пракса. Извори на бучава има многу – сообраќај, градежништво, угостителски објекти, верски настани и нарушување на јавен ред и мир... Граѓаните се повеќе ги препознаваат во секојдневието, но многу тешко се доаѓа до вистинската адреса за поднесување поплака или пријава. Државниот инспекторат за животна средина има пробелм со човечки ресурси, а третира околу 25 закони и 250 подзаконски акти. Ова го порачаа учесниците на денешната онлајн трибината „Стоп за бучавата“ во организација на Центарот за еколошка демократија Флорозон Скопје, во рамки на проектот „Еднаков пристап за ефективна правда“. Според директорот на Флорозон, Кирил Ристовски, нема конкретни бројки и информации за спроведувањето на Законот за бучава на централно или на локално ниво. - Наш генерачен заклучок е дека освен постапувања по однос на бучавата од угостителски објекти, примарно во централно градско подрачје, друго нема, како што е градежништвото или сообраќајот, порача Ристовски. На полето на бучавата, посочи Ристовски, според информации добиени од Град Скопје, иако имало предвидено буџет за оваа година за дефинирање на стратешки карти и мапи, поради пандемијата не е направено ништо, бидејќи не било можно излегување на терен и прибирање на податоци. Тања Пауновска, од МЖСПП – одговорна за законот за бучава – донесен во 2007 година, посочи дека согласно него инспекцискиот надзор е на инспектори од МЖСПП и на инспекторите на локално ниво, додека начинот на контрола е уреден со повеќе подзаконски акти и правилници. Во рамки на Управата за животна средина, посочи таа, има одделение за бучава, кое е надлежно за изработка на стратегии, карти на бучава и акционен план. - До прекршочната комисија досега има многу пријави и постапки. Досега има многу пријави од граѓани и постапки, и доста казни се платени. Казните досега беа 500 евра за правно лице и 300 евра за одговорно лице, изјави Пауновска. Дарко Блинков од Државен инспекторат за животна средина посочи дека додека инспекцискиот надзор на централно ниво до некаде функционира и се води од годишни планови и програми, работата на инспекторите на локално ниво е многу далеку од потребното ниво. - Во Законот за заштита од бучава емитирана во животна средина, бидејќи имаме и во работна средина, кој е дел на труд и социјална политика, има еден член каде е обработен надзорот. Инспекторатот за животна средина, преку државните инспектори за животна средина, понатаму од здравствен аспект - Државен здравствен санитарен инспекторат, колегите од државен инспекторат - техничка инспекција под економија и секако Државен пазарен инспекторат. На локално ниво, овластените инспектори за животна средина во Градот Скопје и општините, појасни Блинков. По овие 15 години децентралиција, посочи тој, треба да бидеме самокритични и да се реорганизираме. - Тоа што го кажуваат и двата последни извештаи на ЕК, а посебно во делот на бучава, дека нема никаков напредок. Толку е со една реченица, изјави Блинков. Само нашиот инспекторат, нагласи Блинков, третира околу 25 закони и 250 подзаконски акти, што е едно големо законодавство. - За наредна година бараме нови инспектори за животна средина и од сегашните 19 да рипне бројката на 29 инспектори. Четири сме административна поддршка на инспекторатот и нормално, новата в.д. директорка, изјави Блинков. аа/сп/

Остани поврзан