• сабота, 16 ноември 2024

Тренчевска: Ромската заедница останува дел од приоритетите во програмата на Владата и МТСП

Тренчевска: Ромската заедница останува дел од приоритетите во програмата на Владата  и МТСП
Скопје, 18 февруари 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставници на НВО Челим од Италија и со Ромскиот Ресурсен Центар од Скопје, како имплементатори на проектот „Обезбедување на пристојни услови за домување на ромската заедница“, како дел од ИПА II Акциска програма 2017, а во соработка со МТСП. Министерката посочила дека Министерството за труд и социјална политика посветено работи на креирање на политики и активности кои што треба да бидат одговор на предизвиците на најранливите категории граѓани. Во таа насока е и проектот кој има за цел подобрување на условите за домување на ромската заедница. - Поддршката за ранливите категории на граѓани, вклучително и ромската заедница е дел и од Програмата за работа на Владата на РСМ 2022-2024 година, каде се наведени заложбите за поголема интеграција на Ромите во сите аспекти на општеството, образованието, вработувањето, здравството, културата, унапредување на нивниот граѓански статус и домувањето. На 15 февруари Владата ја усвои и Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 -2030 како дел од јавните политики на државата и има долгорочни придобивки за ромската заедница, истакна министерката Тренчевска, пренесуваат од нејзиниот кабинет. Како што информираат од МТСП, Стратегијата е подготвена во согласност со Стратешката рамка на ЕУ за интеграција на Ромите за периодот 2021-2030 година, која промовира еднаквост и социо-економска вклученост на ромската популација на ниво на Европската Унија. Имплементаторите на овој проект информирале за досегашните активности спроведени во Општина Виница, при што беа реновирани 22 куќи, асфалтирање на улици, поставување на улично осветлување, контејнери за отпад и легализација на домовите и нивни упис во ДУП-от на општината. Со активностите беше опфатена ромска заедница од Општина Виница. Вакви активности се започнати и во Општина Прилеп. Соговорниците изразиле уверување за продолжување на соработката, со цел унапредување на статусот и животниот стандард на ромската заедница во Северна Македонија.фф/лв/

Остани поврзан