• вторник, 24 декември 2024

Тренчевска: Северна Македонија е пример во регионот во однос на борбата со трговија со луѓе

Тренчевска: Северна Македонија е пример во регионот во однос на борбата со трговија со луѓе

Скопје, 16 јуни 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со новоизбраната генерална директорка на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) Ејми Е. Поуп, која е првата жена директорка на ИОМ.

Како што информира МТСП, Меѓународната организација за миграција е водечка меѓународна организација во областа на миграцијата и е посветена на принципот дека хуманата и уредна миграција е од корист за мигрантите и општеството.

На средбата, како што се наведува во соопштението, се разговараше за областите во кои соработува Министерството за труд и социјална политика и Меѓународната организација за миграција со фокус на внатрешна и надворешна миграција, трговија со луѓе и родова еднаквост.

Тренчевска истакна дека од неодамна е објавен извештајот за трговија со луѓе на Стејт Департментот, каде се истакнува доброто справување на државата со предизвикот со трговија со луѓе. Министерката ја посочи соработката меѓу институциите и креирањето на Оперативни тимови во состав со претставници на ИОМ, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика и невладиниот сектор кои работат на заштита и превенција од трговија со луѓе. Тренчевска исто така го истакна и зајакнувањето на капацитетите на вработените во институциите во однос на предизвикот.

- Отворена беше и темата за работната сила на пазарот на трудот во државата, како и за тоа на кој начин може да се оствари соработка за насочување на регуларните мигранти кон приклучување на пазарот на трудот, се вели во соопштението.

Според директорката на ИОМ, ваквото насочување на мигрантите со прилагодување на законските регулативи може да ги задоволи потребите од побарувачката на пазарот на трудот, а при тоа да се почитуваат основните човекови и работнички права.

На крајот од состанокот директорката на ИОМ Поуп се осврна и на прашањето за родовата еднаквост и ја нарече министерката Тренчевска, како што се наведува, шампион во регионот во борба за родовата еднаквост. Разговорот беше со фокус на спроведената кампања во март „Гласна и храбра“ за промовирање на родовата еднаквост, ментално здравје и економско зајакнување на жените, но и потребата за продолжување на ваквите активности. мд/сп/

Фото: МТСП 

 

Остани поврзан