• петок, 27 декември 2024

Тренчевска: Преку проектот за подобрување на социјалните услуги склучени се 22 проекти во 27 општини

Тренчевска: Преку проектот за подобрување на социјалните услуги склучени се 22 проекти во 27 општини
Скопје, 2 септември 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска информира дека преку Проектот за подобрување на социјалните услуги кој се спроведува со поддршка на Светска Банка се склучени договори со 22 општини за 22 проекта кои се спроведуваат во 27 единици на локалната самоуправа. Тренчевска, на брифинг со новинари, презентирајќи ги постигнатите резултати во делот на спроведувањето на социјалните реформи и на Проектот за подобрување на социјалните услуги информира дека овие 22 проекти главно се насочени кон помош и нега во дом, за стари лица имајќи предвид дека младото население во овие општини мигрирало, а повозрасните членови во општеството се оставени да живеат сами. Преку проектот, како што рече Тренчевска, се обезбедува двојна придобивка, бидејќи како даватели на услуги - негуватели се вработуваат лица кои се потешко вработливи, од кои најголем дел се жени, а корисниците услугите ги добиваат во својот дом. Со ова, според министерката, се намалува сиромаштијата, бидејќи 247 лица се вработени како даватели на услугата. Преку овој проект, услугата ја добиваат 692 корисници. - Ова значи и финансиска независност токму на тешко вработливите лица, но и постепено излегување од гарантираната минимална помош. Наместо да земаат социјално, тие си заработуваат сами, а добиваат два до три пати поголема сума од онаа што ја добиваат како социјална помош од државата, информира Тренчевска. Општината преку негуватели ја дава услугата во населени места каде можеби и менталитетот на граѓаните е дека подобро е да бидат дома во своето огниште и да ја добиваат услугата од негуватели. Општина Берово, според министерката, е светол пример за тоа како и во руралните средини се овозможува четиричасовна секојдневна грижа за овие лица. Дел од општините преку овој проект спроведуваат проекти за помош и нега на лица со попреченост, дел се насочени кон отворање на дневни центри за деца или за лица со попреченост над 26-годишна возраст и дел се за отворање на центри за активно стареење на населението. Зависно од потребата на самата локална самоуправа, како што посочи Тренчевска, така се дава поддршка на услугата која што самите општини си ја имаат детектирано. Вториот сегмент на овој Проект, како што додаде, е инвестирање во детски градинки. Тренчевска информира дека од 2017 година до денес имаат изградено 71 градинка и зголемување на капацитетот за 4.500 нови деца. До крајот на годината ќе отворат дополнителни 11 градинки кои се во завршна фаза, а во 2023 дополнително 13 градинки во различни општини во државата. - Треба да го зголемиме опфатот на децата во предучилишно образование бидејќи многу влијае на понатамошниот развој на секое едно дете. Наша цел е до крајот на 2024 година тој опфат на дечиња да дојде помеѓу 46 до 50 проценти за деца од 3 до 6 години во предучилишното образование и да се приближуваме до европскиот процент кој е над 90 проценти, вели министерката. Додаде дека од 2017 година до денес се зголемени и платите на вработените во градинките за 36 посто. Во моментот, како што рече, го финишираат колективниот договор со СОНК кој ќе биде завршен и потпишан до 15 септември со што негувателите и воспитувачките во градинките ќе добијат дополнително зголемување на платите за 15 посто. Тренчевска информира дека во подготовка се измени на Законот за детска заштита каде што наместо негувателите и воспитувачките во градинките да водат два дневника и пишани и електронски, ќе воведат само еден дневник, а најверојатно, во разговор со вработените во детските градинки тоа ќе биде водење само на електронски дневник. - Со сите овие активности ги остваруваме клучните цели на реформата - зајакнување на човечкиот капитал кој е навистина најважен ресурс во едно општество, намалување на сиромаштијата и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани, вели Тренчевска. Со новите реформи што МТСП ги направи во соработка со Министерството за здравство и МОН се преминало кон меѓународната класификација на функционирање на попреченоста, што, како што појасни министерката, значи надминување на третманот на децата – лицата со попреченост од медицински здравствен аспект и ориентирање кон еден нов пристап што значи детектирање на јаките страни на лицето со попреченост, утврдување на она што значи потреба на самото лице со попреченост да може да биде понатаму активен член на нашето општество, односно да имаме успешна инклузија во општествените текови. - Заедно со Министерството за здравство и со МОН го правиме ова за лицата со попреченост се со цел и за полесно вклучување во процесот на образование и за полесно вклучување на пазарот на трудот. Досега се отворени пет вакви центри во различни градови во државата. Во завршна фаза е отворање уште на два центри во други два града во државата за да може лицата со попреченост од сите градови да да имаат полесен пристап до лицата коишто работат на оваа меѓународна класификација на попреченост.  мс/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан