• понеделник, 23 декември 2024

Тренчевска: Грижата за највозрасните не е само ветување, тоа е наша должност

Тренчевска: Грижата за највозрасните не е само ветување, тоа е наша должност

Крива Паланка, 8 април 2024 (МИА) - Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, го посетија објектот на Ученички дом „Боро Менков“ што е предвидено да се реконструира и преадаптира во дом за стари лица. 

Претходно Тренчевска за време на нејзините теренски активности посети и корисници на услугата "Нега Центар", помош и нега во домот за изнемоштени лица.

-Заедно со Општина Крива Паланка се одлучивме за реконструкција и прилагодување на ОУД „Боро Менков“ во еден од најубавите домови за стари лица во овој регион, преку капитална инвестиција на Министерството за труд и социјална политика токму во оваа општина. Брзото напредување на процедурите, предводена од цврстата решителност на нашиот градоначалник, сигнализира не само бирократски процес, туку и длабока посветеност брзо да се започне со работа во планираниот старски дом. Со вредност на проектот од 34.375.536 денари, овој потфат симболизира инвестиција во граѓаните и суштинско решавање на нивните предизвици, рече Тренчевска.

Таа истакна дека посветеноста на највозрасните во заедницата не запира тука и посочи дека спроведувањето на услугата помош и нега во домот во Општина Крива Паланка е уште еден чекор кон поголема грижа за старите лица.

-Услугата помош и нега во домот во Општина Крива Паланка се спроведува уште од 2021 година. Тука 32 негователи се грижат за 95 лица и ова е услуга која обезбедува грижа токму во домот на највозрасните и изнемоштени лица. Грижата за највозрасните не е само ветување, тоа е наша должност, наша привилегија и наша чест. Да го одиме овој пат заедно, рака под рака со највозрасните, да го испочитуваме нивниот влог во минатото и да им возвратиме денес, изјави Тренчевска.

По ова, Тренчевска, Николовски и Митовски имаа средба со пензионерите од Крива Паланка пред кои говореа за работата во изминатите години во насока на подобрување на стандардот на пензионерите. ид/сст/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан