• понеделник, 23 декември 2024

Трајковски: Ослободувањето на Делчево е симбол на верата за слободно Делчево 

Трајковски: Ослободувањето на Делчево е симбол на верата за слободно Делчево 

Делчево, 7 септември 2024 (МИА) - Делчево денес го слави 7 Септември, Ден на ослободувањето на градот. По тој повод пред споменикот на паднатите борци во центарот на градот свежо цвеќе положија и се поклонија делегација од Општината заедно со градоначалникот Горан Трајковски, претставници на Советот на Општината, здруженијата на пензионери и Сојузот на борци од НОВ, невладини организации и други. 

Во својата честитка до граѓаните Трајковски истакна дека на овој ден Делчевчани се сеќаваат на херојската борба и огромната храброст на оние кои се жртвуваа за да го зачуваат нашиот град слободен.

-Нивната сила, решителност и љубов кон татковината ни овозможи денес да живееме во мир, слобода и достоинство. Седми Септември е ден кој го одбележува 80-годишниот ,,од" во слободно Делчево во првата слободна македонска Република.  Ослободувањето на нашиот град не е само историски настан - тој е симбол на вербата во подобра иднина, доказ дека правдата и слободата секогаш може да се извојуваат, без разлика на тежината на непријателот, рече Трајковски.

Нашите предци и херои, како што додаде не се бореле само за територија, туку за вредностите кои отсекогаш не воделе: слободата и правото на достоинствен живот.  

-Осумдесет години од ослободувањето на Делчево претставува значаен јубилеј за овој град и неговите граѓани. Денеска гордо исправени Чествуваме и се навраќаме на двата значајни датуми од македонската историја. 80 години од ослободувањето на Делчево и 33 години од независноста на државата,  датуми цврсто втемелени во современата историја на нашиот град. Како ваш градоначалник, јас сум посветен на тоа нашиот град да продолжи да напредува и  наследството на оние кои се бореа за нашата слобода да се почитува секој ден преку нашите постапки и нашите одлуки, додаде Трајковски.

Одбележувањето на Денот на градот продолжува со Свечена програма во Спомен дом АСНОМ. вс/aa/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан