• четврток, 04 декември 2025

Трајановски: Системско пренасочување на ингеренциите за комуналната хигиена и сообраќајната полиција под надлежност на Градот

Трајановски: Системско пренасочување на ингеренциите за комуналната хигиена и сообраќајната полиција под надлежност на Градот

Скопје, 11 октомври 2025 (МИА) - Со цел поголема ефикасност и одговорност во управувањето со градот, кандидатот за градоначалник Александар Трајановски најави системско пренасочување на ингеренциите за комуналната хигиена и сообраќајната полиција под надлежност на Градот, информираат од коалицијата „Искуство за успех“ предводена од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) во соопштение што МИА го објавува интегрално.

Градот Скопје ќе воспостави нов модел на управување со комуналната хигиена и сообраќајниот ред, преку системско пренасочување на ингеренциите и создавање Комунална и Сообраќајна полиција под капата на Градот.

Комуналната полиција ќе има превентивна улога во спречување на создавање диви депонии, палење отпад и несовесно постапување со ѓубрето. Со воведување на строги мониторинг и лиценцирање на сите транспортни возила за градежен шут и кабаст отпад, ќе се обезбеди јасно следење на нивното движење и на местата каде отпадот се одлага. Благодарение на беспилотни летала со термални сензори, ќе се врши рана детекција на чад, оган и загадување, што ќе овозможи брза реакција и заштита на животната средина.

Истовремено, Сообраќајната полиција ќе премине во надлежност на Градот, со што ќе се постигне поефикасно управување со сообраќајот и инфраструктурата. Ако токму Градот и општините се тие што инвестираат милиони евра во изградба и одржување на улици, булевари и сообраќајна сигнализација, тогаш логично е и санкционирањето и средствата од казните да бидат во нивна надлежност.

„Ова е чекор кон вистинска децентрализација и кон поголема ефикасност во секојдневното управување со градот. Средствата од казните ќе се враќаат таму каде што се трошат, во градот и општините,“ истакна Трајановски.

Ваквиот модел може да се реализира на два начина: со воведување идентичен принцип на поделба на средствата од сообраќајните прекршоци, како што важи за даноците и комуналиите, или со целосно завршување на процесот на децентрализација во овој сегмент.

Со оваа мерка, Градот ќе добие вистинска контрола и одговорност, а граѓаните, почист, побезбеден и поуреден град.

Фото: ГРОМ

Остани поврзан