• сабота, 23 ноември 2024

Трајановски за договорот „Бехтел и Енка“: Нормално е да прифатиме нешто што е веќе договорено и има донесено специјален закон

Трајановски за договорот „Бехтел и Енка“: Нормално е да прифатиме нешто што е веќе договорено и има донесено специјален закон

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски за прифаќањето на договорот со „Бехтел и Енка“, од страна на актуелната власт која како опозиција го критикуваше, вели дека е нормално да прифатат нешто што веќе е договорено и за што е донесен специјален закон во Парламентот. 

- Сосема е нормално нешто што е договорено, ние да го прифатиме со оглед на тоа што беше донесен специјален закон во Парламентот на Република Македонија.,Ддадени се големи пари за „Бехтел и Енка“, некаде 227 милиони евра за аванс, подготовка, пред да дојдам за директор. Сепак, влеговме во една финансиска обврска и сметаме дека е подобро да се преиспитаме дали може проектот да го ставиме на брза лента, да не плаќаме пенали, да се ангажира „Бехтел и Енка“ со целокупната нивна машинерија за да се заврши овој проект и видливи се резултатите во последните три месеци, вели Трајановски во интервју за „360 степени“ на МРТ.

Во однос на критиките што ВМРО-ДПМНЕ ги упатуваше како опозиција за овој проект, Трајановски вели тие биле по неколку основи – од фактот дека зад договорот не стои ниту една банка, до плаќањето пенали кон „Бехтел и Енка“ оти од претходната влада не бил испочитуван шестмесечниот рок за реализирање на обврските што ги презела државата, како што се експропријација и деминирање.

Вели дека се откочени одредени процеси и дека во наредните четири години ќе бидат завршени автопатите од коридорите 8 и 10-д. 

- Откако успеавме одредени процеси да ги откочиме, одредени неопходни работи да почнат да работат, веќе сме во предност. Прилеп – Битола некаде би требало да биде две до две и пол години, да речеме за три максимум да биде завршен. Слична е ситуацијата со Тетово – Гостивар, а Гостивар – Букојчани можеби една година плус. Така што, тоа ќе бидат роковите, вели Трајановски, додавајќи дека претходната власт бавно ја работела експропријацијата.

Според Трајановски, се разгледуваат начини за ревидирање на договорот за надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“, кој го доби конзорциум предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“. Смета дека една од опциите е во надзорот да се вклучи уште една компанија која ќе биде со светско реноме.

- Неколку пати разговарав со „ИРД“. Ако мене лично ме прашувате, јас не сум задоволен од тоа колку пари им се плаќаат врз основа на тоа што го сработуваат. Меѓутоа, тоа е договор што е потпишан и ние сега гледаме начини дали би можеле тоа да го ревидираме. Го викнав одговорниот на „ИРД“ и му реков за конкретна секција, бидејќи ништо не се работи, а во предлогот имаат предложено и ние плаќаме 12 луѓе. Таму 12 луѓе немаат работа, имаат четири до пет луѓе. Во дргата делница слично, во третата делница слично, наведува Трајановски.

На новинарско прашање дали има репреговарање на договорот, Трајановски вели дека тоа прашање треба да биде адресирано лично до премиерот, но според информациите со кои располага, дека се преговара на високо ниво. 

Во однос на трајноста на договорот потпишан со „Бехтел и Енка“ што исто така тогашна опозиција го критикуваше, Трајановски вели дека иако тоа е обврска на Владата, тој мисли дека во моментов се разговара за тоа кои делови од документот да бидат јавно достапни и оти има одредено померување. бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан