• среда, 25 декември 2024

Трас со најкраток мандат во британската историја

Трас со најкраток мандат во британската историја
Лондон, 20 октомври 2022 (МИА) - Лиз Трас денеска поднесе оставка како премиер по само 45 дена на функцијата, откако се откажа од економската програма на нејзиниот кабинет за пазарот на обврзници и големите поделби во нејзината Конзервативна партија.
Таа на тој начин стана британска премиерка со најкраткиот мандат во историјата, пишува Би-Би-Си. Досега тој „рекорд“ го држеше Џорџ Канинг, кој владееше 119 дена во 1827 година, до неговата смрт.
Новиот лидерски избор ќе биде комплетиран следната недела.
Зборувајќи пред резиденцијата во „Даунинг стрит“, Трас рече дека не може да ги исполни ветувањата што ги дала во нејзината кандидатура за водство на ториевците, чија доверба ја изгубила.
„Прифаќам, имајќи ја предвид ситуацијата, дека не можам да го исполнам мандатот врз основа на кој сум избрана во Конзервативната партија. Затоа разговарав со неговото височество за да го информирам дека се повлекувам од функцијата лидер на Конзервативната партија“, рече Трас.
„Утрово се сретнав со шефот на Одборот 1922 година, Греам Брејди. Се договоривме изборите за ново раководство да бидат завршени во текот на следната недела. Ова ќе обезбеди да останеме на вистинскиот пат да ги исполниме нашите фискални планови и да ја одржиме економската стабилност и националната безбедност на нашата земја“, додаде Трас.
Таа стана премиерка на почетокот на септември, а за политички опстанок се бореше откако нејзиниот министер за финансии, Кваси Квартенг, на 23 септември најави „мини-буџет“ со големи даночни намалувања, што ги потресе финансиските пазари.
По таа најава, британската цена за задолжување порасна, загрозувајќи го пазарот на недвижнини и дополнително влошувајќи ги трошоците за живот.
Трас имаше најлош рејтинг од кој било британски лидер во последните децении. паг/
   

Остани поврзан