• вторник, 24 декември 2024

Трамп со навреди за илегалните мигранти: Тие се животни и нелуѓе

Трамп со навреди за илегалните мигранти: Тие се животни и нелуѓе

Вашингтон, 3 април 2024 (МИА) - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на синоќешниот предизборниот митинг во Мичиген ги нарече илегалните имигранти во САД „животни и нелуѓе“.

Тој наведе неколку злосторства извршени од илегални мигранти и предупреди дека САД ќе биде зафатена од насилство и хаос доколку тој не биде избран за претседател на 5 ноември.

Зборувајќи за Лејкен Рајли, 22-годишна студентка од Џорџија за чие убиство е осомничен мигрант од Венецуела, Трамп рече дека некои мигранти не се луѓе.

„Демократите велат: „Не ги нарекувајте животни, и тие се луѓе.“ А јас велам: „Не, тие се нелуѓе, тие се животни“, рече Трамп.

Тој ги повтори тврдењата дека мигрантите кои илегално ја минуваат границата со Мексико избегале од затвори и ментални институции и се одговорни за зголемувањето на криминалот во САД.

Трамп одржа говор со наслов „Крвопролевање на границата на Бајден“ во градот Гранд Рапидс, чија полиција објави дека 25-годишната Руби Гарсија минатиот месец била убиена од Брендон Ортиз-Вајт (25), кој илегално живее во САД.

Триесет и осум отсто од републиканците и еден од пет независни гласачи веруваат дека имиграцијата е главниот проблем во земјата, според анкетата на Ројтерс/Ипсос направена на крајот на февруари. ссм/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан