• понеделник, 23 декември 2024

Трамп: Одлуката на Бајден за испорака на касетна муниција може да доведе до Трета светска војна

Трамп: Одлуката на Бајден за испорака на касетна муниција може да доведе до Трета светска војна

Вашингтон, 11 јули 2023 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска ја осуди одлуката на актуелниот претседател Џо Бајден да испрати касетна муниција како дел од новиот пакет помош за Украина. Трамп предупредува дека потегот може да доведе до Трета светска војна.

Реакцијата на Трамп дојде пет дена откако Пентагон официјално ја објави одлуката, а еден ден откако неговиот поранешен потпретседател Мајк Пенс го поддржа потегот, пренесуваат американските медиуми.

-Џо Бајден не треба да не влече кон Трета светска војна со испраќање касетна муниција во Украина - тој треба да се обидува да стави крај на војната и да ја запре ужасната смрт и уништувања предизвикани од неспособна администрација, рече Трамп.

Тој го повтори аргументот на многу критичари, велејќи дека неексплодираната касетна муниција „ќе убива и осакатува невини украински мажи, жени и деца во децениите што доаѓаат, долго по војната“.

-Не треба да ѝ ги испраќаме на Украина нашите последни резерви во време кога нашите сопствени арсенали, според Џо Бајден, се толку опасно намалени, изјави Трамп.

Од почетокот на руската инвазија минатиот февруари, Трамп постојано одбиваше јавно да вети поддршка за Украина. Во мај неколку пати избегна да одговори на прашањето дали како претседател ќе и испорача оружје и опрема на Украина. Тој исто така тврдеше дека под негова администрација никогаш нема да има војна и дека може да посредува за договор меѓу Русија и Украина во рок од 24 часа. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан