Трамп: Наскоро ќе ставиме крај на пандемијата, Бајден ја преувеличува ситуацијата
- Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на своите приврзаници во Флорида дека пандемијата ќе заврши наскоро и го обвини неговиот ривал Џо Бајден за преувеличување на здравствената кр
Пенсакола, 24 октомври 2020 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на своите приврзаници во Флорида дека пандемијата ќе заврши наскоро и го обвини неговиот ривал Џо Бајден за преувеличување на здравствената криза за да ги исплаши граѓаните и да ги убеди да гласаат за него.
- Наскоро ќе ставиме крај на оваа пандемија, рече Трамп, ветувајќи дека нема да ја затвори економијата, туку ќе се справи со вирусот.
Тој посочи дека граѓаните на изборите бираат „помеѓу економски раст и карантин“.
Изјавите на Трамп на митинзите во Флорида следеа по втората и последна дебата на двајцата кандидати, во која тие разменија мислења за начинот како треба да се борат против пандемијата.
Во Соединетите Американски Држави, повеќе од 224.000 луѓе починаа од Ковид-19 од почетокот на пандемијата, додека милиони луѓе останаа без работа.
Пандемијата зазема централно место во предизборната кампања, во која Трамп го бранеше својот одговор на коронавирусот.
Бајден вчера рече дека Трамп се откажал од борбата против пандемијата и вети дека ако биде избран за претседател, ќе побара од Конгресот да донесе сеопфатен закон за Ковид-19, кој ќе го потпише во првите десет дена по стапувањето на должноста. паг/