• четврток, 20 март 2025

Трамп денеска ќе го потпише указот за укинување на Министерството за образование

Трамп денеска ќе го потпише указот за укинување на Министерството за образование

Вашингтон, 20 март 2025 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска планира да потпише извршна наредба со која се наложува затворање на американското Министерство за образование, изјави претставник на Белата куќа.

Овој чекор претставува исполнување на неговото предизборно ветување за елиминирање на оваа институција, која долго време беше мета на конзервативците.

Трамп често го нарекуваше Министерството за образование расипничко и под влијание на либералната идеологија. Сепак, конечното укинување е веројатно невозможно без акција од Конгресот, бидејќи министерството е основано во 1979 година со акт на Конгресот.

Според Белата куќа, наредбата ќе  и наложи на министерката Линди Мекмахон да ги преземе сите неопходни чекори за да се овозможи затворање на Министерството за образование и враќање на образовните власти на државите, а истовремено да продолжи да обезбедува ефикасна и непречена испорака на услуги, програми и придобивки од кои зависат Американците.

Администрацијата на Трамп веќе спроведува намалување на персоналот во одделот, додека финансирањето на Канцеларијата за човекови права и Институтот за образовни науки, кои собираат податоци за академскиот напредок на земјата, се драстично намалени. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан