• сабота, 23 ноември 2024

Трамп денеска претседава со потпишувањето на историските арапско-израелски договори

Трамп денеска претседава со потпишувањето на историските арапско-израелски договори
Вашингтон, 15 септември 2020 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп, денеска ќе претседава со потпишување на историските дипломатски договори меѓу Израел и двете арапски земји од Заливот, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин, што може да придонесе во зајакнувањето на неговата позиција пред изборите во ноември. Во Белата куќа ќе се соберат повеќе од 700 гости, а Трамп и неговите сојузници се надеваат дека во екот на предизборната кампања, тоа ќе придонесе за неговиот имиџ како мировник. Договорите ќе ги потпишат премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и министрите за надворешни работи на Емиратите и Бахреин, во присуство на претставници на земјите приврзаници на договорот кои имаат дипломатски мисии во Вашингтон, но ќе има малку гости од странство. Поканети се и некои членови на Демократската партија кои ги поздравија договорите. Покрај индивидуалните билатерални договори што треба да ги потпишат Израел, ОАЕ и Бахреин, сите три земји ќе потпишат и трилатерален договор наречен Аврам според основачот на трите големи монотеистички религии. Се очекува Трамп да се потпише како сведок. Документите нема да се занимаваат со долготрајниот израелско-палестински конфликт, но тие можат да го отворат патот за пошироко израелско-арапско приближување по децении непријателства, војни и само два претходни мировни договори. Скептиците, вклучително и многу набљудувачи на Блискиот исток, аналитичари, експерти и поранешни функционери, изразија сомнеж во договорите и се пожалија дека ги игнорираат Палестинците за кои документите се „нож во грб од арапските браќа“. Сепак, дури и најголемите критичари не негираат дека овие документи може да доведат до големи промени во регионот, особено ако другите арапски земји, особено Саудиска Арабија, ги преземат истите чекори, што би имало последици врз Иран, Сирија и Либан. јт/

Остани поврзан