• среда, 25 декември 2024

Трамп даде гаранција од 175 милиони долари за да избегне заплена на имот

Трамп даде гаранција од 175 милиони долари за да избегне заплена на имот

Вашингтон, 2 април 2024 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп достави гаранција од 175 милиони долари пред судот во Њујорк, откако доцнеше да плати повеќе од 454 милиони долари во случајот со граѓанска измама.

Таа гаранција го спречува запленувањето на имотот и средствата на Трамп додека тој се жали на пресудата.

Доколку неговата жалба против пресудата биде одбиена, Трамп ќе мора да ја плати целата сума од 454 милиони долари, плус камата.

Во случај жалбата на Трамп да биде прифатена и обвиненијата да бидат отфрлени, тој нема да мора ништо да плати на државата и гаранцијата што ја дал ќе му биде вратена.

На 25 март, судот се согласи да ја одложи исплатата на 454 милиони долари на Трамп доколку тој плати 175 милиони долари во рок од десет дена.

Истиот суд ќе ги слушне аргументите на Трамп во септември, неколку недели пред претседателските избори кои ќе се одржат на 5 ноември.

Судот претходно пресуди дека Трамп и неговата компанија незаконски ја преувеличувале вредноста на своето богатство и манипулирале со вредноста на имотот за да добијат поволни заеми од банките и поволни услови од осигурителните компании.

Во меѓувреме, компанијата-мајка на платформата Truth Social на Трамп изгуби 20 отсто од својата вредност за време на тргувањето на Nasdaq, откако независната американска Комисија за хартии од вредност  покажа дека компанијата остварила загуба од 58 милиони долари во 2023 година.

Откако излезе на берза минатата недела, Trump Media & Technology Group, достигна врв од 79 долари по акција во четвртокот пред вчера да падне на 48,66 долари. ссм/

фото: архива

Остани поврзан