• сабота, 16 ноември 2024

Трамп: Бајден нема право да тврди дека победил на изборите

Трамп: Бајден нема право да тврди дека победил на изборите
Вашингтон, 7 ноември 2020 (МИА) - Актуелниот американски претседател Доналд Трамп порача дека демократскиот кандидат Џо Бајден нема право да тврди дека победил на изборите. „Џо Бајден не треба да тврди дека има право на функцијата претседател. И јас би можел да го тврдам тоа. Правните постапки штотуку почнуваат", напиша Трамп на Твитер, додека се приближува крајот на пребројувањето на гласовите на американските избори. Трамп прогласи победа ноќта на изборите, но во меѓувреме, гласовите во полза на неговиот демократски противник почнаа да се зголемуваат во некои од клучните држави, вклучувајќи ги и оние во кои Трамп беше во водство. Трамп и Републиканците најавија правна постапка во државите каде Бајден го смени резултатот за да ги оспори начините на пребројување на гласовите пред судот, особено оние кои пристигнаа преку пошта по денот на изборите. Скоро три дена по затворањето на гласачките места во САД, сè уште е непознато кој е победник на претседателските избори, иако демократскиот кандидат Џо Бајден е поблизу до влегувањето во Белата куќа. Гласовите сè уште се пребројуваат во пет сојузни држави – Пенсилванија (20 електорски гласови), Џорџија (16), Невада (6), Аризона (11) и Северна Каролина (15). Бајден води во секоја од нив, освен во Северна Каролина, каде Трамп е во предност. Си-Ен-Ен наведува дека вкупно на ниво на САД, Бајден има 253 електорски гласови, а Трамп 213. За влез во Белата куќа, еден од двајцата кандидати треба да освои најмалку 270 гласа од 538 гласачи. паг/

Остани поврзан