• понеделник, 23 декември 2024

Трамп бара од сенаторите да го поддржат Гец за државен обвинител

Трамп бара од сенаторите да го поддржат Гец за државен обвинител

Вашингтон, 19 ноември 2024 (МИА) - Комитетот за етика при Претставничкиот дом на САД утре ќе одлучува за следните чекори во истрагата против Мат Гец, кого новоизбраниот претседател Доналд Трамп го номинираше за државен обвинител.

Сѐ повеќе републикански сенатори повикуваат на објавување на наодите од истрагата за Гец, кој се соочува со обвинувања за сексуална злоупотреба на малолетничка и користење дроги.

Според Аксиос, Трамп лично се јавува кај сенаторите, притискајќи ги да го потврдат изборот на Гец за државен обвинител.

- Тој очигледно го сака Мет Гец,  рече сенаторот Кевин Крамер, кој добил повик од Трамп. - Тој верува дека Мет Гец е единствената личност која ќе има бестрашност и жестокост, навистина, да го направи она што треба да го прави во Министерството за правда, вели сенаторот.

- Една работа за Доналд Трамп, луѓето никогаш не треба да ја мешаат неговата поддршка за некој од неговите номинирани како тактичка или стратешка алатка за некој друг, рече Крамер. - И барем до овој момент, тој го става својот сопствен политички капитал зад тоа. А тој е прилично убедлив човек, рече Крамер.

Друг сенатор, исто така, потврди за Аксиос дека Трамп го контактирал, повикувајќи ги сенаторите да застанат зад него.

Адвокатот кој застапува две жени кои сведочеа пред етичкиот комитет на Претставничкиот дом кој го истражува Мет Гец, изјави во интервју дека поранешниот конгресмен им плаќал на жените за да имаат секс со него. Двете жени во тоа време биле полнолетни, но исто така во рамки на истрагата на Конгресот, едната од нив изјави дека била сведок на тоа дека Гец имал секс со 17-годишно девојче на истата забава на која присуствувала, објави Еј-Би-Си Њуз.

Гец поднесе оставка од својата позиција како републикански претставник за Флорида минатата недела веднаш штом беше номиниран од новоизбраниот претседател Доналд Трамп за државен обвинител на САД. Со тоа веднаш се затвори конгресната истрага, и покрај притисокот, Претставничкиот Дом сè уште не се согласи да го објави извештајот од истрагата на јавноста или на американскиот Сенат, телото кое ќе има задача да го потврди назначувањето на Гец. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан