• вторник, 24 декември 2024

„Традиционална изработка и свирење на гајда“ впишано на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото

„Традиционална изработка и свирење на гајда“ впишано на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Културното добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ од денеска е впишано на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

Како што соооштија од Министерството за култура и туризам, мултинационалната номинација, поднесена од Северна Македонија и Турција, беше разгледана и усвоена на денешната сесија на 19. СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство, што се одржува во Асунсион, Република Парагвај.

-Ова е важен момент во македонската култура бидејќи дури по седум години нашата држава впишува уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО, со што вкупниот број на впишани заштитени добра од нашата држава е шест, од кои веќе две заеднички со Република Турција. Номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација на македонскиот тим, составен од претставници од Управата за заштита на културното наследство и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, и експертскиот тим на Министерството за култура и туризам на Република Турција, велат од Министерството.

Оттаму потенцираат дека впишувањето на добрата на листите на УНЕСКО претставува обврска за државите, но и можност за промоција на националното богатство во глобални рамки и зачувување за идните генерации.

Сесијата на Комитетот има цел да ги промовира целите на Конвенцијата, да обезбеди насоки за најдобри практики и да даде препораки за мерки за заштита на нематеријалното културно наследство. Со годинашната сесија на Комитетот претседава Ненси Овелар де Горостиага, амбасадор и постојан делегат на Република Парагвај во УНЕСКО, и на неа учествуваат претставници од земјите членки, невладини организации, културни институции и други учесници од целиот свет.

Од Министерството потсетуваат дека нашата држава стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 година со впишувањето на „Чет`рсе – празнувања на Светите Четириесет маченици во Штип“, потоа „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 г.), заедничката апликација на Македонија и Турција „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на нашата држава, Бугарија, Романија и на Молдавија „Културни практики поврзани со 1 Март“ (2017 г.) на репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) на листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита.

На сесијата присуствуваше делегација од нашата држава во состав на Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, и Ивона Опетческа-Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра и национално контакт-лице за Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство.

Македонската делегација на маргините на 19. СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО оствари повеќе неформални средби, и тоа со делегациите на Норвешка, Словенија и на Камерун, како и со Ненси Овелар де Горостиага, амбасадор и постојан делегат на Република Парагвај во УНЕСКО. Претставничките од нашата држава, Честоева и Опетческа-Татарчевска, остварија средба и со генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, при што фокусот беше ставен на актуелните теми поврзани со Охридскиот Регион. бт/дма/

Фото: Министерство за култура и туризам

Остани поврзан