• среда, 20 ноември 2024

Тошковски: Обидите за ширење на меѓуетнички тензии со црквата во Галате се неуспешни

Тошковски: Обидите за ширење на меѓуетнички тензии со црквата во Галате се неуспешни

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски изјави дека постојат, како што рече, политички „лешинари“ кои преку проблемот со црквата во Галате предизвикуваат меѓуетнички тензии. Според него, ова е доказ за наводите за дестабилизација за кои предупредуваше премиерот Христијан Мицкоски. 

Во интервју за ТВ Телма, министерот Тошковски нагласи дека обидите за ширење на меѓуетнички тензии се неуспешни и дека Министерството за внатрешни работи ќе преземе мерки за целосно спречување на ваквите обиди. 

Тој истакна дека за расчистувањето на околината на црквата во Галате, општина Врапчиште, немале информации ниту во Македонската православна црква (МПЦ). 

- Сето она што настана, согласно она што го видов, барем на јавно објавените снимки, не е ништо друго туку само еден неуспешен обид за погревање на меѓуетнички тензии. Обидот на одредени политички лешинари во текот на вчерашниот ден да подгреваат, да хушкаат, да извртуваат фактичка состојба во насока на меѓуетнички тензии. Ако ова не е доказ дека она што сме го говореле изминатиот период, од аспект на тоа дека ќе има обиди во овој временски период, во насока на дестабилизација, тогаш не знам што би било, изјави министерот Тошковски.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска зборувајќи за настанот со црквата во село Галате апелираше да не се игра на етничка и верска карта, посочувајќи дека очекува да има и други вакви изолирани инциденти. Мицкоски додаде дека и владиката и жителите се оградиле од вакви инциденти.   

- Цело време предупредувам дека не треба да се игра на етничка и верска карта бидејќи тоа е картата на која што овие криминалци кои во изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност итн., и ова се такви изолирани инциденти што ќе следат. Ја слушнавте изјавата и на владиката, слушнавте и ја прочитавте прес-конференцијата на којшто се оградува од ваквите инциденти, жителите на село Галате кои исто така се оградуваат од ваквите инциденти, рече Мицкоски. 

Жители на селото Галате кои иницираа акција за уредување на просторот околу црквата која беше оштетена од пожар во 2001 година, се пожалија дека полицијата по налог на локалната самоуправа ги попречува во намерата и преку полициска интервенција им врши притисок.

Во врска со случајот МВР информираше дека постапувајќи по претходна пријава од страна на инспектор за урбанизам од општина Врапчиште, направен е увид на месноста наречена „топли извори“ (меѓу селата Топлица и Врапчиште) на локацијата на црквата „Света Петка“, каде што, според пријавата се изведувале незаконски градежни работи на црквата. ар/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан