• вторник, 10 март 2026

Тошковски: Инвестираме во современи услови за работа на полицијата и поквалитетни услуги за граѓаните

Тошковски: Инвестираме во современи услови за работа на полицијата и поквалитетни услуги за граѓаните

Скопје, 9 март 2026 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изврши увид во градежните активности на новата полициска станица во општина Аеродром.

Новата полициска станица, која, според Министерството за внатрешни работи, претставува еден од капиталните инфраструктурни проекти, е проектирана со главен влез за граѓаните од страната на булеварот, со цел полесен и попрактичен пристап, како и дополнителен влез на задната страна за службени потреби. Објектот, како што информира МВР, располага со 36 паркинг места и целосно уредена атмосферска и фекална канализација, а гасоводните инсталации се заштитени според највисоки безбедносни стандарди.

- Континуирано инвестираме во подобрување на условите за работа на полициските службеници и во модернизација на услугите што ги добиваат граѓаните. Новата полициска станица во Аеродром ќе биде современ објект кој ќе обезбеди подобра организација на работата, повисоко ниво на безбедност и поквалитетна услуга за граѓаните, вели Тошковски.

Градежните активности, забележа дека се одвиваат според планираната динамика, а објектот се очекува целосно да биде завршен до крајот на мај.

- Фасадата на објектот е речиси целосно завршена, а предвидени се три главни влезови – за управните служби, за полициските служби и посебен притворски влез. Внатрешноста на објектот е опремена со современи простории за работа, вклучително и посебно опремени простории за работа со деца – жртви на насилство, изолирана оружарница, модерни сали за состаноци на секој кат, магацински простории, како и единаесет простории за задржување со специјални безбедносни врати и прозорци, стои во соопштението на МВР.

Во објектот, како што е наведено, е предвидена и посебна просторија за препознавање, а инсталирано е и подно греење. Електричните инсталации и цевководите се веќе завршени, додека во тек е финалната фаза на поставување на подовите и системот за греење.

Изградбата на новиот објект, според МВР, е дел од поширокиот процес на унапредување на условите за работа на полициските службеници, но и на квалитетот на услугите што Министерството ги обезбедува за граѓаните. Во рамки на овој процес, во изминатиот период беше пуштена во употреба целосно реновирана полициска станица во Бутел, како и осум нови канцеларии за управни работи ширум државата. Меѓу нив се и новите канцеларии за граѓански работи на СВР Скопје во објектот на МТВ, кои овозможуваат побрзо, поефикасно и покомфорно остварување на услугите за лични документи и други административни потреби на граѓаните. сс/вј/

Фото: МВР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан