• вторник, 17 март 2026

Тошковски: Безбедноста на нашите дечиња е наша заедничка обврска затоа што тие се нашето најголемо богатство

Тошковски: Безбедноста на нашите дечиња е наша заедничка обврска затоа што тие се нашето најголемо богатство

Скопје, 25 февруари 2026 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава, која се одржа во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театарот „Провокација“ како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.

Претставата, како што соопшти МВР, наменета за учениците од основното училиште од општината, им овозможила на децата преку интерактивен и едукативен пристап да се запознаат со основните правила за безбедно однесување во сообраќајот, безбедниот пат од и до училиште, како и со значењето на внимателноста и одговорноста во улога на пешаци и велосипедисти.

Министерот Тошковски потенцира дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.

- Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност - истакна Тошковски.

Министерството за внатрешни работи, се додава во соопштението, и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани. ац/са/

Фото: МВР

Остани поврзан