• понеделник, 23 декември 2024

Тото Волф: Мерцедес нема да брза да избере наследник на Луис Хамилтон

Тото Волф: Мерцедес нема да брза да избере наследник на Луис Хамилтон

 

Бракли, 2 февруари 2024 (МИА) - Мерцедес нема да брза да избере наследник на Луис Хамилтон, кој на крајот од сезоната во Формула 1 заминува да вози за Ферари. Ова го соопшти шефот на Мерцедес, Тото Волф, кој додаде дека тимот може да биде во искушение да донесе „храбра“ одлука.

Волф и Мерцедес ќе имаат широк избор на возачи, бидејќи многу од договорите на возачите во Ф1 истекуваат на крајот на 2024 година, а местото до Џорџ Расел е меѓу најпосакуваните во светскиот шампионат.

Засега се верува дека најголеми шанси има ѕвездата на Вилијамс, Алекс Албон, но се споменуваат и имињата на Естебан Окон, Карлос Саинц, Фернандо Алонсо, па дури и штитеникот на Мерцедес - Андреа Кими Антонели.

За разлика од 2016 година, кога Нико Розберг објави дека се пензионира три дена по освојувањето на светската титула, Волф сега има една година да ја најде замената на Хамилтон. Сепак, се верува дека кој и да го замени Луис, Расел ќе биде предводник на Мерцедес.

- Заедно со дискусиите околу одлуката на Луис, не се зборуваше доволно за тоа дека Џорџ има потенцијал да биде следниот водечки возач во тимот и тој е од генерацијата на Ландо Норис и Шарл Леклер. Не би можел да барам подобар лидер на тимот со оглед на заминувањето на Луис, објасни Волф. дс


Фото: Фејсбук/Мерцедес АМГ

Остани поврзан