Томче Голабоски го фати светиот крст во водите на Црн Дрим во Струга(ДПЛ)
- Триесет и деветгодишниот Томче Голабоски од Струга беше најсреќен меѓу стотиците верници кои денеска скокаа по светиот крст во студените води на реката Црн Дрим. Чинот на осветување прв пат во Струга го изврши неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан.

Струга, 19 јануари 2025 (МИА) - Триесет и деветгодишниот Томче Голабоски од Струга беше најсреќен меѓу стотиците верници кои денеска скокаа по светиот крст во студените води на реката Црн Дрим. Чинот на осветување прв пат во Струга го изврши неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан.
Покрај големиот број верници, на манфестацијата присуствуваше и претседателката Гордана Силјаноска Давкова, министри, пратеници и градоначалникот на Струга Рамис Мерко.
Голабоски, кој по петти пат го фаќа светиот крст во Струга посочи дека чуството е прекрасно и посака секој стружанец да го почуствува.
- Како и на секој стружанец, најголема желба ни е да го фатиме крстот. Чуството е преубаво и поскаувам секој да го осети, изјави Голабоски, нагласувајќи дека светиот крст носи среќа секоја година без разлика дали ќе го фатиш.
Упати апел за продолжување на традицијата со поддршка секој стружанец да скока по крстот.
Поглаварот на МПЦ, архиепископот г.г. Стефан во своето обраќање пред присутните верници изрази задоволство што се наоѓа покрај, како што рече недопирливиот Црн Дрим. Пред присутните порача да му благодариме на Бог што сме удостоени како народ да се радуваме на денешниот спасоносен настан од реката Јордан, и што сме дел од торжественото празнување, како меѓу нашиот народ, така и меѓу сите православни народи кои се раководат по Јулијанскиот календар.
- Восхитени од неописливата убавина, ве повикувам за миг одовде со мислите да се пренесеме на Богоблагословениот брег на реката Јордан, чии води се удостоија да го примат синот Божји, спасителот на светот. За и ние денес да го слушнеме и да го примиме гласот Господе кој е над водите и не повикува да пријдеме и да го примиме духот на премудроста, разумот и стравот Божји. Да го примиме Христа кој се јави, како што денес пее светата црква, рече г.г. Стефан.
Кумот на манифестацијата, Ивица Томовски посака здравје и среќа и секој кој има можност да се пријави.
- Чуството е неописливо. Посакувам да сме по обединети, по среќни и по радосни, да не водат духовните вредности. Ние како кумови годинава подаривме топла ракија и греано вино за присутните, на фаќачот на чесниот крст му подаривме златно ланче со крст и бањарка, изјави Томовски.
Покрај стотиците верници кои скокаа во реката Црн Дрим со желба да го фатат светиот крст, голем беше бројот и на оние кои симболично влегоа во осветените речни води да се искапат за здравје. сс/дма/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Силјаноска Давкова