Тоа што се случува во Газа не е геноцид, изјави италијанскиот министер за надворешни работи
- Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија Антонио Тајани изјави дека, иако не се согласува со начинот на кој Израел ја води војната против Хамас во Појасот Газа, настаните на палестинската територија не може да се наречат геноцид, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
Рим, 5 декември 2024 (МИА) - Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија Антонио Тајани изјави дека, иако не се согласува со начинот на кој Израел ја води војната против Хамас во Појасот Газа, настаните на палестинската територија не може да се наречат геноцид, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
Денеска беше објавен извештај на организацијата „Амнести Интернешнл“, во кој се тврди дека Израел спроведува геноцид врз Палестинците во Газа, што Израел категорично го отфрли.
Подружницата на „Амнести“ во Израел, исто така, соопшти дека не се согласува со заклучоците од извештајот.
„Можеби не се согласувам со тоа што го прави израелската армија. Време е да се запре ова. Време е за прекин на огнот. Но, тоа што се случува во Газа не е геноцид, изјави Тајани на церемонија по повод 120-годишнината од изградбата на Големата синагога во Рим. ссм/
фото: архива