• среда, 27 ноември 2024

ТИРЗ со решение за проблемот на ФИНКИ, му ги нуди своите сегашни простории на БРО, за БРО да им ги отстапи бараките на студентите

ТИРЗ со решение за проблемот на ФИНКИ, му ги нуди своите сегашни простории на БРО, за БРО да им ги отстапи бараките на студентите

Скопје, 2 април 2024 (МИА) - Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) предлага, Бирото за развој на образованието (БРО) да се пресели во нејзините сегашните простории, за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) да ги користи бараките во кои сега е сместено Бирото. Дирекцијата за ТИРЗ, пак, има нови канцеларии кои се уште официјално не се во функција, но денеска во нив се одржа првиот настан - серијата панели од проектот на „Иднината почнува дома“.

Според директорот на Дирекцијата, Јован Деспотовски, со ова ТИРЗ нуди конкретно решение на проблемот. Студентите, смета тој, мора да имаат приоритет над администрацијата.

-Денеска овде беше и деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, пред протестот пред Владата за обезбедување подобри услови за студентите. Ние и со овој денешен настан им изразуваме поддршка во тој протест за да се обезбедат тие услови. Дирекцијата за ТИРЗ го понуди постојниот простор во строгиот центар на градот за сите државни институции, пред се Бирото за развој на образование, да ги користат без ограничување. За возврат, Бирото треба да излезе во пресрет на барањата на ФИНКИ и да ги отстапи бараките што ги користи, за потребите на студентите. Сите млади мора да сфатат дека оваа држава може да им даде поддршка тука да се чувствуваат дома, а не дома да им биде на некое друго место, изјави Деспотовски по денешниот настан во ТИРЗ. 

ФИНКИ денеска пред Владата го одржа вториот протест, испраќајќи пораката дека останува на барањето да се всели во просториите на БРО. мч/лв/

фото: МИА

 

 

Остани поврзан