• понеделник, 16 декември 2024

ТикТок: Победникот во првиот круг од изборите во Романија немаше повластен третман

ТикТок: Победникот во првиот круг од изборите во Романија немаше повластен третман

Букурешт, 28 ноември 2024 (МИА) – Социјалната мрежа ТикТок вечерва „категорично“ го демантираше тврдењето на романските власти дека му пружила повластен третман на прорускиот претседателски кандидат Калин Георгеску, кој направи големо изненадување освојувајќи најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори.

- Категорично не е точно тврдењето дека профилот на ТикТок на малку познатиот десничар Георгеску имал поинаков третман од профилите на другите кандидати на изборите, изјави за агенцијата портпаролот на платформата.

Според него, профилот на Георгеску „подлежи на истите правила и ограничувања како и профилите на другите кандидати“.

Романски невладини организации предводени од Здружението за технологија и интернет (АПТИ) претходно побараа од Европската комисија и од романската Национална агенција за управување и регулација на комуникациите (АНЦОМ) да испитаат дали големите онлајн платформи биле усогласени со одредбите од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) во текот на првиот круг од романските претседателски избори.

Во отворено писмо на 16-те романски невладини организации се бара од Еврокомисијата и АНЦОМ, која е задолжена за мониторинг на почитувањето на ДСА на национално ниво, да истражат дали онлајн платформите, а пред се ТикТок, презеле соодветни мерки за ублажување на ризиците поврзани со изборниот процес во Романија.

Ваквото барање следи откако во вторникот и романскиот Национален совет за радиодифузија (ЦНА) побара од Европската комисија да поведе формална истрага против ТикТок за кршење на утврдените стандарди, со тоа што му овозможил политичко рекламирање за независниот претседателски кандидат Калин Георгеску, кој освои најмногу гласови во првиот круг од изборите.

Вториот круг од претседателските избори во Романија е на 8 декември. јт/

Остани поврзан