• среда, 27 ноември 2024

„Тик-ток“: Отпуштениот приправник-саботер не предизвикал поголема штета

„Тик-ток“: Отпуштениот приправник-саботер не предизвикал поголема штета

Шангај, 21 октомври 2024 (МИА) - Компанијата „Бајтденс“ (ByteDance), фирма-сопственичка на социјалната мрежа „Тик-ток“ (TikTok), ги отфрли тврдењата дека отпуштениот приправник-саботер предизвикал штета од повеќе од 10 милиони долари со саботирање систем за учење со вештачка интелигенција составен од илјадници моќни графички процесори.

Кинеската компанија ги опиша како „неточни и со одредени претерувања“ гласините за степенот на штетата предизвикана од неименуваното лице. Имено, „Бајтденс“ поседува ВИ-модел наречен „Доубао“ (Doubao) сличен на „Чет-ГПТ“. Практикантот бил дел од тимот за реклами, но неговите активности не влијаеле негативно на комерцијалните интернет-операции, како ни на големите ВИ-модели.

„Бајтденс“ го отпушти приправникот во август, поради „злонамерно мешање“ во учењето на еден од нејзините ВИ-модели.

Потоа, компанијата ги информирала и универзитетските и индустриски тела, поврзани со таа личност, за инцидентот.

„Бајтденс“ контролира некои од најпопуларните апликации во светот, вклучително и „Тик-ток“ и неговиот еквивалент „Доујин“ (Douyin). Се смета за лидер во областа за развој на алгоритам, поради што неговите апликации се привлечни за корисниците. „Тик-ток“ вложува многу во технологијата за ВИ, којашто, меѓу другото, се користи за напојување на чет-ботот „Доубао“, како и за алатката за текст во видео наречена „Чименг“ (Jimeng) и други програми.  си/

Фото: ЕПА

Остани поврзан