• понеделник, 23 декември 2024

Тејлор Свифт со четири одличја на Европските „Ем-ти-ви“ музички награди

Тејлор Свифт со четири одличја на Европските „Ем-ти-ви“ музички награди

Манчестер, 11 ноември 2024 (МИА) - Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт вчеравечер триумфираше на доделувањето на Европските „Ем-ти-ви“ музички награди во Манчестер, В. Британија, со четири добиени одличја.

Пејачката која се движи кон средината на четвртото десетлетие од својот живот, не беше присутна на доделувањето. Таа ги доби признанијата во битните категории - „уметник на годината“, „најдобар акт во живо“ и „најдобро видео“ за песната „Fortnight“. Таа, исто така, победи и во категоријата за најдобар американски уметник.

Во однапред снимена порака, Свифт се извини што не можела да присуствува на доделувањето.

Пејачката имаше и најмногу номинации - вкупно седум, но загуби од Аријана Гранде во категоријата „поп-уметник на годината“. Во февруари оваа година, Свифт веќе ја освои својата четврта награда „Греми“ за албум на годината, што е рекорд во историјата на овие награди. Нејзината светска турнеја „Eras“ ѝ ја донесе најголемата заработка воопшто - во музичката историја.

Тејлор Свифт годинава беше прогласена и за личност на годината, според списанието „Тајм“.

Јужноафриканската пејачка Тајла однесе три награди, меѓу коишто и за најдобар ар-ен-би изведувач. Уште едно изненадување е тајландската поп-уметничка Лиза, која победи во две категории, вклучувајќи ја и онаа за „најголемата база на обожаватели“, пред Тејлор Свифт и нејзината „армија“ наречена „Свифтис“.

Трофејот за песна на годината и припадна на Американката Сабрина Карпентер за нејзиниот летен хит „Espresso“. Еминем, кој оваа 2024 година се врати со нов албум, по 10. пат го освои трофејот за најдобар хип-хоп изведувач.

Во категоријата „Рок“, победник е Лијам Галагер - дел од поп-рок составот „Оејзис“. На крајот на август, браќата Лијам и Ноел Галагер објавија дека повторно ќе го обединат легендарното дуо заради претстојната турнеја, 15 години по разделбата.  си/

Фото: Јутујб

Остани поврзан