Тест на СЛС-ракета на НАСА одложен третпат месецов
- НАСА трипати се обиде да спроведе тестирање поврзано за мисијата „Артемис 1“, што вклучува патување до Месечината. Станува збор за тестирање на процедурата за одбројување на СЛС.

Хјустон, 18 април 2022 (МИА) - По неколку неуспешни тестови за полнење гориво кај новата СЛС-ракета, американската вселенска агенција НАСА одлучи да го врати леталото во вселенскиот центар „Кенеди“. Тестирањето на лансирната рампа е прекинато и сѐ уште не се знае кога ќе продолжи, а сега следат поправки.
Од 1 април, НАСА трипати се обиде да спроведе тестирање поврзано за мисијата „Артемис 1“, што вклучува патување до Месечината. Станува збор за тестирање на процедурата за одбројување на СЛС. Проблемот е поврзан и со снабдувањето со азот. НАСА, исто така, има намера да ја искористи оваа можност за да го замени неисправниот вентил за хелиум, како и да го реши проблемот со малите истекувања на водород што техничарите ги открија на еден од доводите за гориво.
- Нема сомнеж дека ќе спроведеме тестови кои ќе не одведат на следниот чекор во овој потфат. Ќе ги преземеме сите чекори и ќе ја лансираме оваа ракета, изјави директорот одговорен за мисијата, Чарли Блеквел-Томпсон.
Одложувањето може да влијае на крајниот рок за спроведување на мисијата. НАСА нема да објави конечен датум за лансирање додека ракетата не ги мине предвидените тестови. си/сд/