„Тесла“ обвинет дека без дозвола „ги копирал“ дизајнот и идејата за новите производи
- Коментарите одат во насока дека сличностите меѓу шоуто на Маск и научнофантастичниот хит со Вил Смит од 2004 година се осмислени без дозвола и договор.
Лос Анџелес, 18 октомври 2024 (МИА) - Режисерот и продуцент на филмот „Јас, робот“ (I, Robot), Алекс Пројес го обвини автопроизвоителот „Тесла“ и неговиот сопственик Илон Маск дека „го украле“ дизајнот, но и идејата за новите производи. Тоа се: „Сајберкеб“ (Cybercab) - самоуправувачки автомобил, „Робован“ или тн. „Робокомбе“ (Robovan) - возило за превоз на најмногу 20 луѓе и подобрени верзии на човековидните роботи „Оптимус“ (Optimus).
На настан насловен „Ние, робот“ (We, Robot), компанијата на електрични возила неодамна ги претстави своите новитети.
На социјалната мрежа „Х“, многумина се согласуваат со режисерот. Коментарите одат во насока дека сличностите меѓу производите и шоуто на Маск, и научнофантастичниот хит со Вил Смит од 2004 година - се осмислени без дозвола и договор.
Мет Грејнџер, кој му бил асистент на Пројес пред 20 години, исто така го критикуваше Маск. Во сега избришаната објава, тој го изрази своето „незадоволство поради недостатокот на креативност“ на тимот на „Тесла“.
Во филмот, футуристичкиот автомобил именуван „Ауди ер-ес-ку“ имаше уникатни тркала, тн. „врати-пеперутки“ и други ситници слични на оние што ги користи „Тесла“ за своето возило... Сепак, за разлика од „Сајберкеб“ со целосно електричниот погон, измислениот филмски автомобил го придвижуваше 5,0-литарски В-10 бензински мотор. си/рп/
Фото: „Х“