• понеделник, 23 декември 2024

Термин за мамографија во Скопје нема во наредните три месеци, нема ниту одговор како ќе се реши овој проблем

Термин за мамографија во Скопје нема во наредните три месеци, нема ниту одговор како ќе се реши овој проблем
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) – Во сите шест јавни здравствени установи во Скопје каде може да се направи мамографија нема термин во наредни три месеци. Оваа информација може да се провери и во делот за термини на веб-страницата на Мој Термин. На прашањето од МИА зошто нема термини и дали се работи на регулирање на овие важни прашања, Министерството за здравство не даде конкретен одговор и фокусот го стави на Националната скрининг програма за рано откривање на рак на дојка. Во недостиг на термини, а со цел навремени проверки, жените се принудени решението да го бараат во приватните клиники. [caption id="attachment_1798581" align="alignnone" width="798"]Мој Термин Извор: Мој Термин[/caption] -Со цел да се олесни закажувањето, жените добиваат СМС порака со точно време, ден и здравствена установа за скрининг мамографија и нема потреба да се јавуваат кај матичен лекар за упат. За жени на кои ќе треба да се направат дополнителни прегледи како на пример ехо и биопсија, радиологот ќе ги повика телефонски и ќе креира упат за дополнителните прегледи, стои во одговорот што МИА го побара од Министерството за здравство. Оттаму информираа дека со Националната скрининг програма за рано откривање на рак на дојка, која започна овој месец, од 1 до 4 ноември се направени скрининг мамографии кај 156 жени. Со оваа скрининг програма треба да бидат опфатени жените од 45 до 69 години кои не направиле мамографија во последните две години, како и жените на возраст од 40 до 44 години кои имаат член во семејството со рак на дојка или друг дополнителен ризик фактор. МИА го контактираше и Здружението на приватни лекари. На прашањето како матичните лекари се справуваат со термините и издавањето упат за мамографија, претседателката на здружението д-р Лилија Чолакова-Дервишова, вели дека Скопје е голем регион и тешко се наоѓаат термини, додека на пример во Велес после еден месец може да се најде термин. - Жените во најголем процент заради нивното здравје и брзата дијагноза мора да одат на приватни специјалисти за да може тоа брзо да се придвижи и да се дојде до отстранување на тие туморозни формации што ги откриваме во нашите ординации, истакнува д-р Чолакова-Дервишова. Од друга страна, таа појаснува дека кога матичниот лекар, користејќи ги сите методи во однос на ниво на примарен доктор ќе забележи дека нешто не е во ред, веднаш се издава итен упат со цел брза реакција. Решение за регулирање на термините, според д-р Чолакова-Дервишова е регулирањето на неограничениот број на услуги што ги нуди здравствениот систем со ограничени средства. Додава дека честопати сигнализираат до Министерството и потребно е да се воведе основен пакет на услуги. - Здравствениот систем ни е оптоварен, здравствен кадар има се помалку во внатрешноста на Македонија. Сите се во „брнаут“ и крајно време е да се воведе основен пакет и да се знае за колку пари, кој колку може да направи. Таква практика има секаде во светот и се знае колку пати треба да се направи преглед за одредена работа, апелира докторката. Вината за овие проблематики не е само на едно место. Честопати се случува пациентот кој веќе има термин да не го искористи, земајќи го местото на друго лице. Свеста останува колективно на општеството, но и на ресорните институции да одредат точно и конкретно  колкупати едно лице и во колкав временски период може да закаже термин за одреден здравствен проблем, користејќи ги разумно здравствените услуги. Кристина Ивановска

Остани поврзан