• понеделник, 23 декември 2024

Температурни рекорди за април во Шпанија и Португалија

Температурни рекорди за април во Шпанија и Португалија

Мадрид, 28 април 2023 (МИА) - Континентална Шпанија и Португалија регистрираа температурни рекорди за април годинава - во  Кордоба на југ се измерени 38,8 степени Целзиусови, а во португалска Мора 36,9, објавија денеска метеоролошките служби на двете држави.

Температурниот рекорд во Шпанија е измерен вчера на метеоролошката станица на аеродромот во Кордоба, објави на Твитер шпанската метеоролошка агенција Аемет.

Претходниот рекорд датира од 2011 година, кога во Елче на истокот на земјата беше 38,6 степени Целзиусови. 

Сепак, тоа не е апсолутен рекорд во цела Шпанија за април, бидејќи историскиот максимум е измерен во 2013 година на Канарските Острови, кои се наоѓаат покрај брегот на северозападна Африка - 40,2 степени.

Оваа недела Шпанија и Португалија беа погодени од топлотен бран поради масата топол и сув воздух од Северна Африка. Температурите треба да почнат да опаѓаат од викендот.

Во Португалија вчера беше 36,9 во градот Мора, во центарот на земјата, објави денеска националниот метеоролошки институт.

Уште пет места во централниот дел на земјата и на југот го надминаа претходниот рекорд од 36 степени што беше регистриран на 20 април 1945 година во Пињао на североистокот, изјави Рикардо Деус, климатолог од Португалскиот институт за море и атмосфера. зш/

Остани поврзан