• вторник, 12 ноември 2024

Нормализацијата на културата на насилство креира плодна почва за негово мултиплицирање

Нормализацијата на културата на насилство креира плодна почва за негово мултиплицирање

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) – Оправдување, релативизирање, промоција на насилството во која било форма предизвикува последици врз квалитетното и објективно поимање на реалноста на секој поединец во едно општество. Има најразлични форми и видови, а едно од нив на кое изминатиот период сме сведоци низ повеќе различни случаи е сексуалното насилство врз жените, кое, за жал, некако сè уште не е јасно перципирано во јавноста, иако има јасни дефиниции за тоа што подразбира и какви сè форми може да добие. Спречување на културата на насилство се менаџира на различни нивоа, а голема улога тука треба да одиграат професионалните медиуми, но и медумската пименост на граѓаните, особено на помладите генерации. 

- Случајот со поткастот на јутјуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас е школски пример за тоа како звучи мизогинија и недостиг на основни човечки морални вредности - емпатија, сочувство, каење и вина. Тој недостиг се отсликува и во начинот на кој креаторот на овој поткаст се справува со оваа ситуација, без да постои одговорност и себекритичност. Сепак, не е безначајно што поголемиот дел од јавноста го препозна и осуди, потенцира Калиа Димитрова од платформата „Медуза“ во изјава за МИА.

Поткастот беше емитуван пред една недела, а предизвика низа реакции. За интервјуто реагираа граѓани на социјалните мрежи, а реакции имаше и од невладини организации и новинарски здруженија. Вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека поднеле известување до надлежното Јавно обвинителство (ЈО), во врска со објавеното интервју, по што од ЈО оформија предмет. Јутјуберот Лазаров синоќа го избриша видеото, а потоа објави видео под наслов „Извинете“. 

Инаку, овој поткаст, според Димитрова, е слика и прилика на концептот „locker room talk”, своевидна слободна машка зона, каде без кочници, односно без чувство на одговорност или страв од реперкусии, може да одвива еден ваков „машки муабет“, кој неретко вклучува објективизација на жените и нивните тела и фалење за случки кои влегуваат во доменот на сексуално вознемирување и насилство.

Иако според статистиката на центрите за социјална работа бројот на жртви на семејно насилство лани се намалил за 4,3 проценти во однос на 2021-ва, од стартот на оваа, 2023 година зачестија на

Во ваквите „муабети“, како што додава, девојките се сведени на предмети, наместо човечки суштества.

- Под притисок на културата на насилство и лошите модели на машкост, многу момчиња и мажи перпетуираат насилство и деградирачки ставови кон оние кои културата ги учи дека се послаби, различни од нив или пак инфериорни, како на пример, жените. Нормализацијата на културата на насилство, а што е поголема нормализација и банализација од тоа двајца возрасни мажи да се смеат на шамарење девојки за нивно групно „работење“, креира плодна почва за уште повеќе насилство и славење на насилниците како некаков вид победници, вели Димитрова. 

Симптоматично и страшно во овој случај, потенцира, е што водителот не гледа апсолутно ништо спорно во тоа што го споделува неговиот гостин и решава дека ова е материјал вреден да се сподели со јавноста, која главно вклучува млади, па потоа, потенцираат, не треба да се чудиме дека ја продолжуваат истата оваа „мачо“ култура на насилство и дегредација на жените и девојките.

- Иако сме свесни за ваквите наративи кои опстојуваат и се пренесуваат кон новите генерации под изговорот „машки си се машки“, и често се пренесуваат на помалку јавен начин, истите тие наративи значат продолжена и продлабочена траума на секоја жртва на насилство, а и впрочем обезвреднување на секоја девојка и жена, зашто во овие „муабети“ девојките се сведени на предмети, наместо човечки суштества, потенцира Димитрова за МИА.

Како што вели, публиката и приватниот сектор треба да ги препознаат насилниците и да не им се дава простор и платформа, од кои во крајна мера тие профитираат врз грбот на туѓата траума.

- Во принцип, сè додека овој разговор е достапен за гледање, сè додека постојат луѓе кои мислат дека има нешто многу смешно во анегдота за силување и сè додека како општество не си признаеме дека имаме навистина сериозен проблем со начинот на кој жените се третирани, културата на насилство ќе продолжи да излегува од сите општествени пори: дали како лошо известување, дали како системско непостапување, дали како исмевање и подбивање, дали како репродукција на дополнително насилство, додава таа.

И од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) вчера го осудија говорот со кој, како што велат, се поттикнува насилство и стимулира родова дискриминација кој деновиве се појави на канал на јутјуб-платформата.

 

 Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на дрскиот однос на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи кон нови

- Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода, туку е агресија и така треба да се третира, се вели во реакција на ЗНМ, ССНМ и СЕММ.

Насилството е проблем што сите нè засега

Инаку, ова е само еден од низата случаи поврзани со омаловажување и вознемирување жени, а кои ја разбрануваа јавноста периодов. Сведоци бевме на низа наслови во медиумите поврзани со физички напади врз жени, па дури и убиство.

Од Платформата за родова еднаквост за МИА потенцираат дека насилството е проблем што сите нѐ засега.

Тоа, како што велат, не е приватен проблем што треба да се решава дома, во семејството, туку општествен – затоа што е последица на историската структурна нееднаквост помеѓу мажите и жените. Впрочем, токму затоа во најголем дел од случаите жртви се жените, а сторители мажите.

- Примерите за системска негрижа на жртвите на насилство и мизогинијата ги гледаме на секој чекор. Но ова не значи дека одново не нѐ згрозува апатијата на институциите, кои не само што не се способни да работат на превенција на родово заснованото насилство, туку и целосно потфрлаат во полето на заштита, што води до најекстремниот облик на насилство врз жените – фемицидот, велат од Платформата.

Според доц. д-р Мирјана Јовановска Стојановска, претседателка на Комората на психолози, тие што покажуваат огромна агресија и непочитување кон женскиот род имаат голем проблем.

Мирјана Јовановска Стојановска, Фото: Принтскрин од видео

- Во нашето општество сè уште мажот е тој на кого агресивното однесување му е дозволено и не е казниво. Жените сè уште се третираат како помалку вреден дел од општеството кои буквално им служат на мажите и сите нивни дејствија треба да бидат во правец на одржување, поддржување, одгледување на мажот. Некаде во себе ова „правило“ го носат и жените затоа што го добиваат од своите мајки и татковци, а поддржани од социјалната средина каде што пораснале, вели за МИА Јовановска Стојановска.

Медиумите клучни во подигањето на јавната свест

Според Платформата за родова еднаквост, сензационалистичкото известување го „храни“ наративот дека жртвата „самата си е крива“.

- Сексистичките наслови, пак, кои не секогаш се однесуваат на насилство, ја поткрепуваат патријархалната поделба на улогите помеѓу мажите и жените. Конечно, наместо остро да го осудуваат насилството и објективно да известуваат, дел од медиумите помагаат сексизмот да се пренесува како општествена норма на новите генерации кои во недостиг на системска поддршка, сеопфатно сексуално образование и соодветен морален и етички компас, не само што (ќе) ја перпетуираат оваа култура на насилство, туку (ќе) ја перпетуираат во сè поекстремни форми, додаваат од Платформата.

Под насловите на ваквите објави во дел од медиумите, најчесто забележуваме коментари од типот „сама си го барала“, а Јовановска Стојановска смета дека ваквите објави ужасно разочаруваат и покажуваат многу ниско ниво на свесност кај населението кое коментира.

- Интересно е да се направи прво профил на оние кои коментираат. Која категорија на луѓе се тоа? Ако тргнеме од тоа дека секој од нас е донесен на свет од жена, тогаш огромен дел на секој од нас е интроект на таа жена, посочува за МИА Јовановска Стојановска.

Според проектниот координатор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Биљана Настеска Каланоска, поразува помислата што во 21 век зборуваме за физички напади, силувања и убиства на жени. Уште пострашен е, како што вели, начинот на кој се пренесуваат информациите во одредени медиуми. 

- Фактот со кој сите се соочуваме е дека дигиталната ера си го направи своето, лесниот пристап до информации остави простор да се развиваат онлајн медиумите кои живеат од „click bate“ наслови. Но, интернетот е тука да остане, а исто и професионалните медиуми кои треба да бидат примерот по кој треба да се водат останатите во насока на начинот на известување, посочува Настеска Каланоска за МИА.

Таа е децидна дека кога станува збор за известување за сензитивна содржина, секогаш треба да се пристапи со посебна внимателност, затоа што првенствено станува збор за личност која е нападната, нечиј живот која е повреден или не дај боже изгубен.

Тука сме бидејќи не сме безбедни, дома, на училиште, на факултет, на улица ,на социјалните мрежи. Тука сме бидејќи се плашиме да пријавиме насилство во полиција, со овие зборови започна денеш

- Во медиумите секогаш ќе наидете на позитивни и негативни примери. Посебна опасност претставува кога се навлегува во детали за случајот бидејќи тенка е границата меѓу кажувањето на целата приказна и сензацијата. Понекогаш (не)намерно новинарот наместо на целиот случај, се фокусира на одредени трагични аспекти, а тука е ризикот од креирање сензација. Во вакви случаи, не смее да се заборави дека секогаш треба да се почитува жртвата и нејзиното семејство, тоа е императив, додава Настеска Каланоска.

Таа е децидна дека секогаш треба да се имаат на ум и да се почитуваат новинарските етички стандарди со цел да се пренесе комплетната приказна на јавноста, без дополнителна повреда на жртвата и нејзиното опкружување.

Секое општество кое има тенденција да оди напред минува низ процесот на созревање во една похумана димензија, но она на што наидуваме кај нас во однос на сексуалното насилство врз жени е двојната виктимизација на жртвите, предизвикување кај нив на чувство на срам или тезите од типот „сама си го барала“, но и еден нерасклинлив дел од т.н. машка токсичност, а тоа е дека доминацијата врз жените има и сексуална димензија, а секоја доминација во себе содржи нишка насилство, кое доколку не се идентификува, посочи и спречи ќе продолжи да добива сè поголеми димензии.

Бисера Трајковска

Марија Спасовска

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан