• среда, 27 ноември 2024

Тајните на добрата мајка и успешното родителство

Тајните на добрата мајка и успешното родителство

Лос Анџелес, 2 јyли 2024 (МИА) - Мајчинството може да биде напорно, но е и прекрасно искуство. Секоја насмевка, се вели, или прегратка на детето - ги чини вредни сите предизвици. Сепак, не секојпат жената е подготвена за овие предизвици што ја чекаат на патешествието наречено родителство. Терапевтката oд САД и мајка на пет деца, Кетрин Аграновиќ за порталот „Јортанго“ (YourTango) открива четири својства на успешната жена-мајка.

Личен пример за растот и развојот на личноста

- Жената која постојано вложува во својот развој - е добра мајка. Само учењето води до тоа динамиката на нејзиното домаќинство да се развива во мирен, хармоничен тек. Овој мир и смиреност влеваат чувство на сигурност кај нејзините деца, појасни Аграновиќ.

Ги задоволува своите потреби со „себична“ несебичност

Добрата мајка и успешен родител, според стручњакот, оди на ручек со пријателките, се занимава со своите интелектуални, креативни и рекреативни занимливости и ужива во своето хоби.

- На крајот на краиштата, таа е човек, па и нејзините потреби се важни. Таа се гледа себеси како рамноправен член на кругот на луѓето за кои се грижи, вели терапевтката за психичко здравје.

Искрена и ги признава своите грешки

Аграновиќ истакнува дека добрата мајка секогаш презема одговорност за своите постапки и грешки. Горделивоста, надменоста и суетата секогаш ги усложнуваат односите. 

- Кога ќе им се развика на децата, се извинува. Кога ќе заборави на нивната училишна претстава, таа повторно искрено се извинува и им го кажува тоа, признавајќи ги своите грешки. Тоа укажува на потребната храброст за отворени разговори со децата, заклучува терапевтката.

Свесна за своите слабости

Аграновиќ вели дека добрата мајка ги знае своите слабости, но пред сѐ - ги сака своите деца. И постојано бара промени коишто би можеле да им го подобрат животот на децата.  си/мс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан