• сабота, 23 ноември 2024

Таравари: На отворање на кафетериите ќе се чека до понеделник

Таравари: На отворање на кафетериите ќе се чека до понеделник
Гостивар, 30 април 2020 (МИА) - Продажба на кафе и топли напитоци во Гостивар нема да има до понеделник, се наведува во обраќањето на гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари на официјалната страница на општината и преку Фејсбук профилот. Тој се правда дека претходно дадената изјава се базирала врз потврда од централниот штаб, но таа како што наведува сé уште не била официјализирана од надлежните власти. Првиот човек на гостиварската општина замолува угостителите утре да не ги отвораат локалите. - Иако денеска во групата на кризниот штаб, добивме информација дека кафетериите можат да работат по моделот „купи и оди“, сега гледам дека сé уште оваа одлука не е официјализирана. Затоа ве молам, уште овој викенд да бидеме стрпливи, додека ни стигне и писмено известување од централниот кризен штаб. Сé со цел, никој да нема правни последици, ги молам сите кафитерии во градот Гостивар, утре да не започнуваат со работа, туку да ја причекаме одлуката и писмено да ни стигне до понеделник, наведува во образложението Таравари. Во изјавата дадена попладнево тој наведе дека предлогот на меѓуопштинскиот штаб да се олабават мерките околу продажбата на кафе и топли напитоци, бил прифатен и дека од утре некои од угостителските објекти ќе може да почнат со продажба, но преку шалтери и по принципот „земи и носи“. Првичната најава на локалните власти ги натера угостителите да направат подготовки за новиот начин на работа. Останува нејасно дали и како дошло до недоразбирањето помеѓу меѓуопштинскиот штаб и централната власт. згм/сп/

Остани поврзан