Синот на Тамара Тодевска дебитира на филмското платно - се снима новиот филм на Небојша Јовановиќ
- Главните улоги ги толкуваат Даниела Ивановска и младиот Александар Стоименовски, кој гради успешна актерска кариера во Белград, а во улогата на малиот Ивица се појавува Дарен Тодевски.
Скопје, 30 март 2026 (МИА) - Небојша Јовановиќ викендов го почна снимањето на својот нов филм со работен наслов „И Божана сака чоколадо“ како копродукција меѓу Македонија, Србија и Молдавија. Филмот се снима на локации во центарот на Скопје, по сценарио на Ева Камчевска и Небојша Јовановиќ.

- Ова е храбар филм за немоќта на едно општество да се осознае, за последиците од неприфаќањето на сопствените и изборите на другите, за нештата коишто длабоко нѐ засегаат и болат како општество, а не сакаме да си ги кажеме едни на други... Филмот обработува исклучително важна тема, којашто буквално ја живееме секојдневно, а уметноста е најубавиот начин да се погледнеме во огледало, вели Јовановиќ, подвлекувајќи дека е задоволен со реализацијата на овој филм.

Главните улоги ги толкуваат Даниела Ивановска и младиот Александар Стоименовски, кој гради успешна актерска кариера во Белград, а во улогата на малиот Ивица се појавува Дарен Тодевски - син на популарната македонска пејачка Тамара Тодевска.

Во другите улоги се појавуваат: Петар Мирчевски, Маја Вељковиќ, Гордана Ендровска, Марија Кондовска и Мартин Ѓорговски. Кастинг-директор е Биљана Драгичевиќ, кинематографер Дарио Секуловски, костимограф Жаклина Крстевска, шминката е на Жанета Димитриевска.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија. си/са/
Фото: Испратено од продукцијата.
