• понеделник, 16 декември 2024

Талибанците одговараат на ОН: Нашите закони се базирани на шеријатот

Талибанците одговараат на ОН: Нашите закони се базирани на шеријатот

Кабул, 26 август 2024 (МИА) - Талибанците денеска ја отфрлија критиката на Обединетите нации за нивниот третман на жените по донесувањето на нов сет закони за пороци и доблести, кои забрануваат на жените во Авганистан да ги откриваат лицето и да зборуваат на јавни места.

Талибанските власти во Авганистан минатата среда донесоа сет закони за спречување на пороци и промовирање на доблести. Тие вклучуваат барање жените да го покриваат своето лице, тело и глас кога се надвор од дома. Исто така, забрануваат слики на живи суштества, како што се фотографии.

Шефицата на мисијата на ОН (УНАМА), Роза Отуњбаева, вчера изјави дека овие закони нудат „потресна визија“ за иднината на Авганистан. Таа рече дека законите ги прошируваат веќе неподносливите ограничувања на правата на жените и девојчињата, при што дури и звукот на женскиот глас надвор од домот се смета за морален прекршок.

- По децении војна и страшна хуманитарна криза, авганистанскиот народ заслужува многу подобро од закани или затвор ако задоцнат на молитва, погледнат член на спротивниот пол кој не е член на семејството, или дури поседуваат фотографија на саканата личност, изјави Отуњбаева.

Од друга страна, Забихулах Муџахид, главниот портпарол на талибанската влада, предупреди на ароганцијата на оние кои можеби не се запознаени со исламскиот шеријатски закон, особено немуслиманите кои би можеле да изразат приговори на донесените закони.

- Повикуваме на темелно разбирање на овие закони и на почитување на исламските вредности. Отфрлањето на овие закони без такво разбирање, според нас, е израз на ароганција, изјави тој.

Во одговорот на извештајот на УНАМА, Муџахид додаде дека „мораме да нагласиме дека загриженоста изразена од различни страни нема да го одврати Исламскиот емират од својата посветеност на поддршката и спроведувањето на исламскиот шеријатски закон“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан