• недела, 15 декември 2024

Судски совет за ставањето на судија на “црната листа“: Ја нагласуваме својата посветеност за справување со секој облик на корупција во правосудниот систем

Судски совет за ставањето на судија на “црната листа“: Ја нагласуваме својата посветеност за справување со секој облик на корупција во правосудниот систем

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Судскиот совет на Република Северна Македонија изразува сериозна загриженост во врска со актуелната објава на Стејт департментот на САД за ставање на судија на “црната листа“.

-Ја нагласуваме својата посветеност за справување со секој облик на корупција во правосудниот систем во согласност со законите и етичките стандарди. Во таа насока Судскиот совет веќе превзема мерки согласно со неговите надлежности утврдени во Законот за судовите и Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, се вели во соопштението од Судскиот совет.

Стејт департментот на САД завчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот. Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан