• сабота, 23 ноември 2024

Судскиот совет избра двајца нови судии во Апелационен суд Гостивар и тројца нови судии во Апелационен суд Штип

Судскиот совет избра двајца нови судии во Апелационен суд Гостивар и тројца нови судии во Апелационен суд Штип

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) – Судскиот совет на денешната 504-та седница ги избра Јетмир Хамзаи и Абдула Азари за судии на Апелационен суд Гостивар за граѓанска област и Сузана Милевска, Анита Јорданова и Љупчо Спировски за судии на Апелационен суд Штип за граѓанска област. 

Членот на Судскиот совет, Ханиф Зендели информираше дека сите петмина кандидати на кандидатската листа за избор на судии во Апелациониот суд Гостивар ги исполнуваат условите согласно закон. Прв на кандидатската листа со 72,6 бодови е судијата Јетмир Хамзаи од ОС Гостивар, втор е судијата Абдула Азари од ОС Тетово со 70,5 бодови, трет е судијата Илир Исени од ОС Дебар со 70,49 поени, четврторангирана е Александра Палашевска со 64,2 бодови, пета е Јехона Садику со 58,9 бодови. 

Потребното мнозинство гласови од Судскиот совет го добија судиите Јетмир Хамзаи и Абдула Азари – и двајцата со 13 гласа „за“ и пет гласа од припадниците на заедниците.

Претседателката на Комисијата за оценување на кандидати за судии во Апелационен суд Штип, Тања Чачарова-Илиевска рече дека на огласот се пријавиле шестмина, од кои еден бил одбиен поради неисполнување на условите. Во меѓувреме од останатите петмина со уредна документација, еден од кандидатите бил избран за судија во Апелационен суд Штип по друг оглас и конечната ранг листа се состои од четири кандидати. Прворангирана е судијката Сузана Милевска од ОС Кочани со 63 поени, второрангирана е Анита Јорданова од ОС Штип со 61,06 поени, трета е Маја Џорлева од ОС Штип со 60,18 поени и четврторангиран е Александар Цацков со 54,38 поени. 

Потребното мнозинство гласови од Судскиот совет го добија судијките Сузана Милевска (13 гласа „за“) и Анита Јорданова (12 гласа „за“ и еден „против“).

Сите членови на Судскиот совет, согласно препораките за транспарентност од Оценската мисија, по гласањето го објаснија својот избор. 

По гласањето за избор на судии и за Апелационен суд Гостивар и за Апелационен суд Штип, Исмедин Лимани, рече дека и верува на Комисијата и затоа го дал својот глас за прворангираниот и второрангираниот. Според Лимани, комисијата при рангирањето ги имала во предвид законските и подзаконски акти и правилници за квалитативни и квантитативни критериуми и интегритетот со што е направено рангирање, на кое кандидатите имале право на жалба. Не би сакал да бидам „папагал“ и да се повторувам по секое гласање, рече Лимани, особено ако некој судија биде едногласно избран. 

- Веројатно работната група што работи на измена и дополнување на Законот за работа на Судскиот совет треба да ги има предвид овие работи. И јас гласав „за“, се знае 13 гласавме „за“ и ако некој нема против, мислам дека не треба секој да кажува, бидејќи комисијата ги гледала сите и квалитативните и квантитативните критериуми, изјави Лимани.  

Антоанета Димовска, пред гласањето за избор на судии и во Апелационен суд Гостивар и Апелационен суд Штип посочи дека нема причина да не гласа по утврдената ранг листа и согласно бодовите и дека за неа е прифатливо единствено да гласа по редоследот. – Секако, ако имав некаква објективна причина тоа јавно ќе го кажев. Но, во овој момент јас немам никаква објективна причина тоа да не го направам и веднаш ќе кажам дека ќе гласам по редоследот, изјави Димовска. 

Александар Камбовски рече дека нема никаква причина да не се прифатат изготвените ранг листи и затоа го дал гласот за Хамзаи и Азари за судии во Апелационен суд Гостивар и Милевска за судијките Милевска и Јорданова во Апелационен суд Штип.

Ивица Николовски рече дека гласал за унапредување на Хамзаи, согласно принципот на вреднување на трудот и неговата професионалност во вршење на судиската професија. Во однос на Азари рече дека со задоволство ќе го почитува досегашниот труд на колегата, и дека се работи за вреден и квалитетен колега. По гласањето за Милевска, Николовски рече дека видно од ранг листата и остварените поени, укажува дека избрале стручна и професионална личност со соодветен углед и квалитет. 

По гласањето за избор на Анита Јордановска за судијка во Апелационен суд Штип, Николовски рече дека и честита за изборот, но дека тој не гласал „за“. 

- Не гласав од причина што сакам да се реванширам, но затоа што и покрај резултатите од извршената постапка, овие наводи и однесување на оваа колешка сметам дека ми дава за право да кажам дека нешто недостасува. Судиската професија има колективен дух и треба да имаш пошироко разбирање. Не треба исклучиво да се водиш од сопствените потреби. Врз основа на добронамерна и добра анализа, колешката беше замолена во неколку наврати да се даде придонес за надминување на неповолните состојби за кои не осудуваат граѓаните. Не покажа разбирање. Со изборот, се ставивме во ситуација утре со едно вакво однесување дојде до неусогласена ситуација во поглед при распоредување во оддел и предмети, затоа што во Апелациониот суд се одлучува во Совет, што не значи дека не може секогаш да дојдат твоите потреби и желби и најмалку треба да се усогласиш со потребите на уште двајца колеги. Сметам дека од овие причини и немање пошироко чувство за разбирање не ми даде за право да гласам за овој судија, изјави Николовски.

Лорета Горгиева, посочи дека како член на Комисијата за Апелационен суд Гостивар за овој судија има еден од најпозитивните впечатоци – слика на професионален, стручен и достоинствен судија во судница.

– Мене навистина ми остави впечаток. Искрено му честитам, изјави Горгиева. Посочи дека ја почитува изготвената ранг листа и за колегата Азари, кој од друга страна, исто така, и оставил позитивен впечаток на професионален и стручен судија. За Сузана Милевска, рече дека не само бодовите кои ја прават прворангирана, смета дека и согласно нејзините лични и професионални квалитети конечно добила заслужено унапредување. Пред гласањето за избор на Јордановска, Георгиева рече дека ќе ја поддржи и дека, не може да и се стави на товар на оваа колешка, недостатокот на Судскиот совет на извршена навремена анализа при одлучувањето за нејзино времено упатување, дополнително, што фактот дека нејзината жалба е уважена, и укажува дека Судскиот совет има грешка.  

Мирсад Суроји, рече дека очигледно комисијата за Апелационен суд Гостивар правилно постапила при рангирањето и се надева дека и во иднина колегата Хамзаи ќе покаже одлични резултати, како и за колегата Азари. По гласањето за Милевска, Суроји, рече дека е воден од ранг листата, на која таа е прворангирана и очигледно заслужува да биде избрана. По гласањето за Јорданова, Суроји рече дека како координатор на Штип ја предложил за делегирање како судија со најмалку судиски стаж од сите активни судии, додека како член на комисијата за рангирање бил задоволен од сите кандидати, вклучително и Јорданова, која како што рече, била одличен судија со професионализам.

Џенета Бектовиќ рече дека за неа пресудно било тоа што судијата Хамзаи има судиски стаж од 15 години и десет месеци и претходно работел во граѓанска материја во ОС Гостивар. – Сметам дека овој судија ќе даде позитивни резултати и како судија на граѓанска област и во Апелационен суд Гостивар, рече Бектовиќ. Посочи дека била во дилема за второрангираниот и треторангираниот меѓу кои има разлика од само 0,01 поен, но дека гласала за Азари и смета дека ќе даде солидни резултати.  По гласањето за Милевска, Бектовиќ рече дека овој судија има 18 години непрекинат судиски стаж и била претседател на суд и смета дека ги исполнува условите. По гласањето за Јорданова, Бектовиќ рече дека сепак гласала за второрангираната со оглед на бодовите од конечната ранг листа.

Миљазим Мустафа, за Хамзаи рече дека станува збор за искусен судија со позитивни резултати. За Азари, рече дека импресивно било неговото CV и работа и смета дека чесно и професионално ќе ја извшрува својата работа. По гласањето за Милевска, рече дека се работи за искусен и добар судија. По гласањето за Јордановска, рече дека гласал како следно рангирана. 

Селим Адеми рече дека како член на комисијата за Апелационен суд Гостивар сите кандидати биле добри, но судијата Хамзаи се делел од другите кандидати и во неговото усно изразување, а исто така и со повеќе од 15 години стаж во граѓанска материја. За Азари, рече дека бил во дилема, но му дал предност бидејќи е активен судија, а колегата Илир Исени е заменик директор на АСЈО и уште има мандат. По гласањето за Милевска, Адеми рече дека се работи за судија со повеќе од 18 години судиски стаж, и смета дека е заслужено унапредена. По гласањето за Јордановска, Адеми рече дека гласал „за“, но искрено бил во дилема. Сепак, од причини што како член на комисија при огласот, судијата Анита Јорданова стварно беше професионалец и добро се изразуваше во делот на судењето. 

Павлина Црвенковска рече дека гласала за Хамзаи и за Азари водејќи се исклучиво од ранг листата и смета дека ќе одговорат позитивно на предизвиците во Апелационен суд Гостивар. По гласањето за Милевска, рече дека гласала за од причина што е прворангирана, но и водејќи се од нејзината биографија и искуство. По гласот за Јордановска, Црвенковска рече дека верува на бодувањето на Комисијата и смета дека од приложената биографија заслужено е избрана да напредува понатаму во кариерата. 

Тања Чачарова-Илиевска рече дека гласањето за Хамзаи го заснова само врз основа на добиените податоци за кандидатите и дека овој колега отскокнува два и нешто бодови од другите и дека нема зошто да не гласа за. За Азари рече дека имала дилема, во однос на треторангираниот, но клучна била конечната ранг листа. По гласањето за Милевска, рече дека освен што е прворангирана, имала прилика со неа да се запознае и лично во судница, како координатор на групата за оценка. Пред гласањето за Јордановска, Чачарова-Илиевска рече дека, како второрангирана смета дека треба да го даде гласот за неа, иако имало ситуација, што според неа го довела во прашање интегритетот на овој судија, кога не го испочитувала временото упатување во ОС Берово.  

Ханиф Зендели рече дека судијата Хамзаи има повеќе години стаж, има добра работа во оценување и сите други параметри на оценување го прават прв на рангирањето. За Азари рече дека одлично се снашол во судница и смета дека тоа ќе го покаже и во Апелациониот суд Гостивар. По гласањето за Милевска, Хамзаи рече дека заслужува имајќи го предвид солидното работно искуство како судија и смета дека ќе ја оправда довербата. Хамзаи, рече дека гласал и за второрангираната и смета дека ќе ја оправда довербата.

Весна Дамева, рече дека квалитативните и квантитативните резултати зборуваат дека едногласно донесената одлука за Хамзаи е оправдана и легитимна, затоа што овој судија има најмногу поени и е оценет најсолидно. За Азари, повтори дека квалитативните и квантитативните резултати се извор на верификација на трудот на судиите. По гласањето за Милевска, Дамева рече дека пред фактите и боговите молчат, а факт е дека овој судија е прворангиран и се разликува од останатите кандидати по број на бодови. Пред гласањето за Јорданова, рече дека ќе го даде својот глас за неа, и покрај состојбата со обидот за нејзино делегирање, за што водела „правна битка“ и не би сакала нејзините квантитативни и квалитативни резултати да ги доведе во прашање со нејзиниот глас. Сакам, нагласи Дамева, во очите на судиите да го дадам мојот глас за судијата, за да не се сфати дека субјективно и со емоции го давам гласот за судијата, кој навистина не доведе во непријатна ситуација. 

Судскиот совет одлучуваше и по друг оглас за избор на еден судија во Апелационен суд Штип до граѓанска област. Претседателот на Комисијата Селим Адеми рече дека прв е Љупчо Спировски од ОС Тетово со 72,53 бодови, втора е Александар Палашевска од ОС Скопје со 64 поени, треторангирана е Анита Јорданова (која на претходниот оглас веќе беше избрана) со 60,92 поени, следна е Маја Џорлева од ОС Штоп со 60,05 поени и Александар Цацков од ОС  Штоп со 54,37 поени.   

Со 13 гласа „за“ Судскиот совет едногласно го избра судијата Љупчо Спировски за судија во Апелационен суд Штип за граѓанска област. аа/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан