• сабота, 23 ноември 2024

Судот во Москва го продолжи притворот на тројцата адвокати на Навални

Судот во Москва го продолжи притворот на тројцата адвокати на Навални

Москва, 28 мај 2024 (МИА) – Судот во Москва денеска повторно го продолжи притворот до 3 август на тројцата адвокати на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој почина во затвор во февруари. Алексеј Липсер, Игор Сергунин и Вадим Кобзев, уапсени се во октомври минатата година под обвинение за „екстремизам“.

Адвокатите се товарат дека му давале информации на Навални, кои му овозможиле „да планира, подготвува и врши екстремистички злосторства“ од затворот каде отслужуваше казна од јануари 2021 година до неговата смрт на 16 февруари 2024 година смрт во казнената колонија на Арктикот. Ако Липсер, Сергунин и Кобзев бидат осудени можат да добијат и до шест години затвор.

- Ние сме обвинети дека му дававме информации на Навални. На Навални повеќе не му требаат, тој е мртов, изјави адвокатот Кобзев за време на сослушувањето.

Навални беше уапсен во Москва во јануари 2021 година по враќањето од Германија, каде што беше хоспитализиран откако беше жртва на труење, за што беше обвинет Кремљ. Навални беше осуден на неколку затворски казни, а во август 2023 година беше осуден на 19 години затвор за „екстремизам“. Околностите за смртта на Навални во казнената колонија на Арктикот остануваат нејасни.

И неговата организација, Фонд за борба против корупцијата (ФБК) исто така е класифицирана како „екстремистичка“ во Русија од 2021 година. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан