• понеделник, 23 декември 2024

Судењето за „Титаник 2“ одложено за 14 јули

Судењето за „Титаник 2“ одложено за 14 јули

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Судењето за предметот „Титаник 2“ закажано за денеска во Апелациониот суд – Скопје, е одложено за 14 јули 2023 година во 9:30 минути по барање на еден од обвинетите.

Како што соопшти Судот, судењето е одложено по барање на обвинетиот С.С. поради здравствени причини.

„Титаник 2“ е предмет што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица, за кои обвиненија беа покренеати против поранешниот директор на УЈБ Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и четворица поранешни членови на Државната изборна комисија.

Во повторената постапка за „Титаник 2“, на 23 јануари годинава Основниот кривичен суд - Скопје ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна затвор од 12 години затвор на обвинетите.

По обвинение за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, Судот го осуди Мијалков на казна затвор во траење од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор. Ова кривично дело на Мијалков застари на почетокот на април. 

Судот на казна затвор од по две години ги осуди Тачи, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“.

Претходно, на 8 март 2019 година Основниот кривичен суд - Скопје на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември истата година ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување поради „суштествени повреди на постапката“. мр/сп/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан