• недела, 29 декември 2024

Судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово продолжи со сведочење на вешти лица и медицински сестри

Судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово продолжи со сведочење на вешти лица и медицински сестри

Тетово, 21 март 2023 (МИА) - Со сослушување нови сведоци предложени од Обвинителството и од одбраната на обвинетите, денеска продожи судскиот процес за пожарот во тетовската модуларна болница. 

Сослушани беа универзитетските професори Влатко Стоилков и Владимир Димчев од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

Тие во предистражната постапка изработиле вешт наод и мислење во писмена форма за тоа дали модуларните болница биле изградени според проектната задача согласно барањата на договорниот орган.

Обвинителот побара професорот Стоилков да објасни каква инсталација за електрична енергија имала модуларната болница во внатрешноста.

-По однос на внатрешната инсталација за жал не можевме да извршиме увид во самата болница бидејќи, како што знаете таа беше целосно опожарена. Затоа направивме увид во две други модуларни болница од ист тип во Гостивари и Кавадарци. Извршивме проверка дали вградената опрема квалитативно и квалитативно одговора на проектната задача. Утврдивме дека модуларните болници се изведени согласно проектната задача на Светска банка, обврска на договорниот орган, истакна професорот Стоилков.

Еден од адвокатите на одбраната го праша сведокот дали при изготвување на наодот извршиле увид на самото место во Тетово, на што професорот одговори потврдно.

За професорот Владимир Димчев немаше други прашања, а тој рече дека останува на ставовите дадени во писмениот вешт наод и мислење.

Сведочеа и медицинските сестри Даниела Симјановска и Фљутурије Ислами. На прашањето од адвокатите дали имало противпожарен апарат во модуларната болница Симјановска рече дека имало во работната соба.  Медицинската сестра Ислами на истото прашање рече дека мисли дека имало таков апарат.

Во текот на судењето судијата Јордан Велковски ги предупреди еден од обвинетите, Артан Етеми и еден од роднините на починатите во пожарот за мир во судницата, кој беше нарушен поради нивен меѓусебен вербален конфликт.

Обвинителите и дел од адвокатите поради дуплирање на дел од сведоците ги повлекоа листите со луѓе кои треба да се повикаат да сведочат.  Наредното рочиште е закажано за 6 април.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 година, откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван. ас/дма/

фото МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан