• сабота, 23 ноември 2024

Судењето за „Организатори на 27 април“ одложено за 30 јануари, се чека мислење од Врховен за Законот за амнестија

Судењето за „Организатори на 27 април“ одложено за 30 јануари, се чека мислење од Врховен за Законот за амнестија

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) – Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ одложено за 30 јануари идната година. Дотогаш се очекува Врховниот суд да донесе мислење во однос на иницијативата на одбраната да донесе начелно правно мислење за автентично толкување на Законот за амнестија поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

На денешното рочиште првостепениот Суд, повторно требаше да се произнесе по барањето за амнестија, кое еднаш веќе беше го имаше одбиено, меѓутоа Скопската апелација го укина.

До судот, како што информираа на почетокот на денешното рочиште, е пристигнато известување дека одбраната на обвинетите во предметот Организатори на 27 април бара од Врховниот суд да донесе начелно правно мислење за автентично толкување на Законот за амнестија поврзан со настаните од 27 април.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.

Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Трајче Пеливанов. аа/ар/

Фото: МИА архива

Остани поврзан