Суданската армија повторно ја зазеде претседателската палата по две години војна
- Суданската армија повторно ја зазеде претседателската палата во Картум од ривалските паравоени Сили за брза поддршка, соопштија воените лидери.

Картум, 21 март 2025 (МИА) – Суданската армија повторно ја зазеде претседателската палата во Картум од ривалските паравоени Сили за брза поддршка, соопштија воените лидери.
Видеото и фотографиите објавени на социјалните мрежи и потврдени од Би-Би-Си покажуваат радосни војници како мавтаат со пиштоли, навиваат и клекнуваат да се молат.
Се чини дека армијата е подготвена да ја врати контролата врз главниот град две години откако беше исфрлена од нејзините паравоени ривали, познати како РСФ, јави Би-Би-Си.
Паравоената група се уште не коментирала.
Набил Абдалах, портпаролот на армијата, на државната телевизија изјави дека војската ја презела контролата врз палатата и зградите на министерствата во центарот на Картум.
- Нашите сили целосно ги уништија борците и опремата на непријателот и запленија големо количество опрема и оружје, додаде Абдала.
Картум е местото каде што почна бруталната граѓанска војна во земјата пред речиси две години и каде се водеа некои од најголемите битки.
РСФ го држеа најголемиот дел од главниот град, како и западниот дел на Судан од почетокот на војната.
Враќањето на Картум би било огромна победа за суданските вооружени сили и клучен момент во конфликтот. Армијата, исто така, оствари придобивки во делови од централен Судан во последните недели.
Очевидци вчера пријавија експлозии од напади со дронови и воздушни напади во близина на Републиканската палата.
На видео снимка во саботата, командантот на РСФ Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, вети дека ќе ја брани претседателската палата и околните области кои се под контрола на неговата паравоена група.
Тој се закани со дополнителни напади во неколку северни градови.
Неколку мировни напори пропаднаа бидејќи ривалските сили рекоа дека ќе продолжат со борбата за контрола на стратешките области.
Војната ја предизвика најголемата хуманитарна криза во светот, според ОН, при што и РСФ и армијата се обвинети за кршење на човековите права. јт/
Фото: Х скриншот