Студеното време со ниски утрински температури не причинува никакви штети во земјоделството, велат агрометеоролозите
- Температурите се во границите на издржливост на културите и се вообичаени за овој период од годината

Скопје, 21 февруари 2025 (МИА) - Стабилното и студено време со ниски утрински температури и слаб до умерен ветер не причинува никакви штети во земјоделството, велат агрометеоролозите.
Според нив, температурите се во границите на издржливост на културите и се вообичаени за овој период од годината, во услови на презимување.
Агрометеоролозите порачуваат во локалитети и кај сорти каде постојат услови за измрзнување поради ниски зимски температури и ризик од доцни пролетни мразеви, резидбата да се изврши во периодот на крајот на февруари и почетокот на март. Доколку, пак, почвените услови дозволуваат, земјоделските производители треба да продолжат со грижа за посевите, подготовка на почвата за рано пролетно садење на некои градинарски култури, со внесување на потребните ѓубрива, како и со примена на сите потребни земјоделски активности и агротехнички мерки.
-Иако со резидбата се создаваат одредени рани на лозата, ова е неопходна ампелотехничка мерка со која се регулира порастот и родноста. Следува период на стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни, а наместа ќе се спуштат и под -10 степени. Преку денот ќе преовладува претежно сончево време, а мало зголемување на облачноста ќе има за време на викендот. Минималната температура ќе се движи во интервал од -13°C до 1°C а, максималната температура ќе се движи во интервал од 0 до 12 степени, велат агрометеоролозите од УХМР. мч/са/
Фото: МИА архива