• петок, 27 декември 2024

Струмичкото обвинителство поведе постапка против осомничен за обид за убиство​

Струмичкото обвинителство поведе постапка против осомничен за обид за убиство​
Скопје, 6 мај 2021 (МИА) - Основното јавно обвинителство Струмица донесе наредба за спроведување истражна постапка против 57-годишен жител на село Вељуса поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело „убиство“. - Осомничениот на 4 мај 2021 година, околу 8:30 часот во село Вељуса, се обидел да го лиши од живот оштетениот кој се движел по главниот пат. Без никаков повод или причина и без претходна вербална расправија, осомничениот со брзи чекори му се приближил од зад грб на оштетениот и со дрвен стап со должина од  околу 1,50 метри започнал да го удира во пределот на главата и телото.  Кога оштетениот успеал да му го одземе дрвениот предмет, осомничениот иако бил свесен дека поради неговото сторување може да настап штетна последица, но се согласил со нејзиното настапување, со нож со дрвена рачка и сечило од околу 20 сантиметри што го држел во другата рака, го прободел оштетениот во левата страна од половината, појаснуваат во денешното соопштение од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија. Наведуваат дека во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до надлежниот суд достави предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице. Предлогот бил прифатен од судијата на претходна постапка при Основниот суд Струмица, па на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена. цр/са/

Остани поврзан