• понеделник, 23 декември 2024

Стрипови на македонски автори изложени во Сараево

Стрипови на македонски автори изложени во Сараево

Скопје, 12 мај 2024 (МИА) -  Во Босанскиот културен центар во Сараево е отворена документаристичката изложба „Антифашистичкиот стрип во Југославија: од ’Пионери‘ до ’Партизани‘“, на која со свои дела се застапени стрип-автори од сите поранешни југословенски републики, вклучително и македонските, соопшти стрип хронираот Александар Стеванов. 

Идеен творец на оваа амбициозна тематска изложба, која е реализирана во рамките на манифестацијата „Денови на кантонот“, е истакнатиот хрватски стрип-промотор и хроничар Вељко Крулчиќ, а во нејзината реализација се вклучени и графичкиот дизајнер Златко Гргиќ, директорот на Босанскиот културен центар Јасмин Дураковиќ, како и кустосот Уна Поповиќ.

Изложбата е всушност пресек на стрип-продукцијата од географската област на поранешна Југославија, продукција која е жанровски поврзана со темата која вообичаено се нарекувала воени стрипови, партизански стрипови или стрипови на тема НОБ. Она најдоброто и најкарактеристичното. Иако главните центри на стрипот во поранешна Југославија беа Белград, Загреб и Горњи Милановац, а подоцна им се придружи и Нови Сад, антифашистичките стрипови беа осмислувани и цртани од стрип-уметниците од сите републики (денешните земји). Значи, и од стрип-уметниците од Босна и Херцеговина, Словенија, Македонија, истакнува авторот на изложбата, Вељко Крулчиќ.

На изложбата се застапени не само стрипови, туку и списанија и текстови за стрип, почнувајќи од периодот на првите години на Втората светска војна (1942/43), кога антифашистичките стрипови почнуваат да излегуваат во партизанскиот печат наменет за деца, почнувајќи од „Пионери“. Хронолошки, изложбата на Крулчиќ продолжува со победата на партизаните и ослободувањето, односно со појавата на првите антифашистички стрипови во редовниот југословенски печат. Протегајќи се речиси половина век, сè до крајот на 1980-тите, нејзината завршна точка е последниот број на популарното издание „Партизани“. Помеѓу стотината стрип-автори, сценаристи и цртачи, од просторот на некогашна Југославија, со свои стрипови на изложбата се застапени и Македонците Миле Топуз и Љупчо Филипов.

-Во младинското списание ’Наш свет‘ Филипов објавува низа стрипови чија тема е НОБ, вклучително и такви од сериите ’Родени во виорот‘ и ’Посилни од смртта‘, а подоцна за енигматското списание ’Котелец‘ изработува и стрипувани биографии на нашите народни херои. Автор на поголем број стрипови на теми од НОБ е и Миле Топуз, чие творештво речиси во целост е посветено на историскиот стрип. Меѓу нив се оние од серијата ’40 години од НОВ и револуцијата‘ што своевремено излегува во ’Наш свет‘. Покрај Филипов и Топуз, стрипови на теми од НОБ работат и други македонски творци, меѓу кои Славчо Темков, Илија Јордановски, Коле Манев, Мишо Китаноски, Диме Иванов-Димано, Мишко Хрдличка и Игно Јовановски, наведува стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип.

Изложбата „Антифашистичкиот стрип во Југославија: од ’Пионери‘ до ’Партизани‘“ на Вељко Крулчиќ е придружена од две самостојни поставки: „Абдулах Козиќ, Ахмед Муминовиќ, ’Мале новине‘ и антифашистичкиот стрип во БиХ“ и „Андрија Мауровиќ и уметноста на антифашизмот“. Посетителите на Босанскиот културен центар во Сараево ќе можат да ги погледнат изложените стрипови со антифашистичка тема заклучно со 25 мај.лв/

фото: стрип-хроничар Александар Стеванов од Штип

Остани поврзан