• вторник, 24 февруари 2026

Стојаноски: Две години власт - конкретни резултати за јавниот сектор, продолжуваме со раст на платите и стабилна економија

Стојаноски: Две години власт - конкретни резултати за јавниот сектор, продолжуваме со раст на платите и стабилна економија

17 февруари 2026

Денеска сме должни да ја кажеме вистината. Синдикатот нè напаѓа дека кога бевме опозиција, сме ги поддржувале на протестите, а сега наводно тоа не било случај. Точно е, кога тие протестираа од 2020 до 2024 година, ние излеговме пред Собранието, пред Министерството за финансии - истакна на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, што МИА ја пренесува интегрално.

Како што можете да видите на фотографиите, остварувавме многубројни средби и кога бевме во опозиција, а особено тие средби се интензивираа по преземањето на власта. Ги поддржувавме и заедно спречивме многу штетни политики што тогашната власт сакаше да ги имплементира. Го критикувавме тогашниот криминален систем на СДС и ДУИ затоа што не ги почитуваше колективните договори и затоа што платите доцнеа со месеци.

Но ајде да ја поставиме суштинската разлика. Тогашното барање на ССМ беше линеарно зголемување од 2.806 денари за вработен во јавниот сектор, што можете да го видите од амандманот што беше изготвен од нив, а поддржан од наша страна. Истовремено, може да се види како на официјалната веб-страница на ССМ тие дури и јавно ни се заблагодаруваат нам, неколкумина, кои тогаш застанавме рамо до рамо со нив.

Денес, две години откако ја водиме државата, фактите се следни:

- Во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ платите се зголемени во просек за речиси 5.000 денари од вработен;

- Вработените во образованието добија колективен договор со кој тие во основното и средното образование ќе имаат од 46 до 60 % повисоки примања во рок од четири години;

- Вработените во високото образование добија покачување за минимум 14 %;

- Здравствените работници ќе добијат 40 до 50 % повисоки плати во еден мандат, со склучениот колективен договор од оваа Влада;

- Полициските службеници добија 10 % зголемување;

- Социјалните работници добија 20 % повисоки плати;

- Вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30 % зголемување преку посебни колективни договори;

- Речиси 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор, кој гарантира покачување на платите за 40 % за 2 години и 3 месеци, кој трае до 2028 година;

- Почитувани се во целост сите колективни договори што претходната власт ги игнорира, во одбраната, културата и други институции;

- Платите денес се исплаќаат редовно, без доцнење со месеци, како што беше во времето на СДС и ДУИ.

Сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од она зголемување што тогаш го бараше ССМ, а уште поважно до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето што сега го има Трендафилов. Сега прашањето е многу едноставно: Ако тогаш барањето беше 2.806 денари, а денес зголемувањата се значително поголеми од тоа, каде е проблемот? Вистината е следна: Ние како опозиција поддржувавме борба за повисоки плати затоа што имаше неправда. Денес, како власт, ние не ветуваме на улица, ние реализираме преку договори, проценти и потпишани колективни спогодби.

За овие две години Владата склучи договори, зголеми плати и воспостави системска рамка до 2028 година. Воедно, да потсетиме и на тоа дека инфлацијата значително ја намаливме од оние двоцифрени стапки што беа во периодот претходно. Во исто време, од страна на раководството на ССМ нема ниеден нов договор со кој тие самостојно избориле зголемување. Нема ниедна конкретна победа издејствувана преку преговори. Работниците заслужуваат синдикален лидер што ќе седи на маса и ќе договара проценти, рокови и гаранции.

Во моментот на чело на ССМ е човек што се обидува да гради политичка кариера преку конфронтација во име на трудот на работниците. Да бидам јасен: Ние не бегаме од дијалог. Ние не бегаме од разговор за минимална плата. Но минималната плата мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите, со Владата како посредник.

Решението мора да биде одржливо за сите инволвирани, за работниците, за работодавачите, за буџетот, за економијата во целост. Популизам со говори е лесен. Потпишан договор што важи четири години значи сериозен пристап, предвидливост и одговорност кон сите фактори. Владата како работодавач ќе продолжи со системски зголемувања на платите, но и почитување на склучените колективни договори.

Денешната блокада нема да ја спречи Владата да продолжи со заложбата за раст на платите. Напротив, ние ќе продолжиме да работиме на поголем економски раст од досегашниот, кој ќе овозможи зголемување на сите плати во државата, а не само на минималната.

Работниците не се и никогаш нема да дозволат да бидат средство за политички пресметки. Тоа се сериозни луѓе, кои ги извршуваат своите работни обврски, а бараат сигурност, плата на време и договор што важи.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан