Стотици убиени во напади на паравоените сили на РСФ во Судан
- Стотици цивили, вклучително и бебиња, се убиени во неодамнешните напади на паравоените сили за брза поддршка (РСФ) во суданската држава Бел Нил, соопштија денеска суданските власти и групите за човекови права.

Каиро, 18 февруари 2025 (МИА) - Стотици цивили, вклучително и бебиња, се убиени во неодамнешните напади на паравоените сили за брза поддршка (РСФ) во суданската држава Бел Нил, соопштија денеска суданските власти и групите за човекови права.
Суданското Министерство за надворешни работи во соопштение цитирано од египетската државна телевизија Кахера наведува дека паравоена група напаѓала цивили во селата во областа Ал Гитана во последните неколку дена.
Во соопштението се наведува дека бројот на загинати е 433, додека Прелиминарниот комитет на суданскиот синдикат на лекари наведува 300 жртви.
Групата за човекови права која го следи насилството врз цивилите во соопштение утринава посочи дека повеќе од 200 луѓе, меѓу кои жени и деца, се убиени во нападите на РСФ, а стотици други се повредени во изминатите три дена.
Министерот за култура и информации Калид Али Алеисир рече дека неодамнешните напади на РСФ врз селата лоцирани во државата Бел Нил се најновото „систематско насилство врз невооружени цивили“.
Според ОН, во војната во Судан, која започна во април 2023 година, загинаа повеќе од 24.000 луѓе, а раселени се повеќе од 14 милиони или речиси една третина од населението. Се проценува дека 3,2 милиони Суданци побегнале во соседните земји, вклучувајќи ги Чад, Египет и Јужен Судан. паг/
Фото: МИА архива